Словенечкот амбасадор во Македонија Милан Продан, презентирајќи ја Програмата и приоритетите за работата на Словенечкото претседателство со Советот на Европската Унија, за периодот јули-декември 2021 година, рече дека се свесни за македонските црвени линии во спорот со Бугарија, но, дека треба да се види како можат да бидат акомодирани барањата и на пријателите од Софија.
-Ние, сега како претседателство ја имаме улогата да покажеме одредена неутралност. Кога зборувам со некои луѓе овде, оваа позиција не ја разбираат. Клучното прашање не е кој е во право во овој спор, туку како да дојдеме до решение во кое што двете страни, да не речем, политички да преживеат, туку пред својата јавност, да презентираат некој генерален договор. За нас е добро што имаме одредени предлози на маса, зборувам за предлгот презентиран од португалското претседателство, сега го нарекуваме “Предлог на претседателството“. Веруваме дека е балансиран предлог кој се грижи и за двете страни. Затоа не ја почнуваме нашата дебата од нула, рече Продан.
Пратеничката од редовите на НСДП Соња Мираковска во својот говор посочи дека ја разбира позицијата на Словенија како носител на претседателството на ЕУ, но дека македонските граѓани се надеваат дека претседателството на Словенија со ЕУ ќе овозможи подобри позиции за нашата држава.
-Ја разбирам вашата позиција, но вашето претседастелство е надеж за нас. Мислам дека Словенија добро го познава македонскиот народ, знае дека немаме аспирација кон никого, ништо никому нема да му земеме или, да му наштетиме. Нашите црвени лини се цивилизациски црвени линии. Правото на интегритет и идентитет го има секој. Наше право е да зборуваме на нашиот вековен македонски јазик. Сакаме само такви и така да бидеме дел од големото европско семејство. Верувам дека сите заедно ќе успееме, рече пратеничката од НСДП Соња Мираковска.
Продан посочи дека при посетата на ЕУ делегацијата на Софија, беше презентиран и Патоказот и дека овој документ би можел да биде основа за изнаоѓање на разумно решение. Сепак според него за изнаоѓање на решение потребна е политичка волја и прагматизам од двете страни.
-Не можеме да ветиме политички чуда, затоа што во меѓународната политика тоа не е возможно. Но она што можеме да го ветиме. Се ослонуваме на двете страни дека тие ќе ги потиснат своите емоции, затоа што ни треба одредено ниво на взаемна доверба за да стинеме до решение, до Самитот на ЕУ и Западен Балкан, во Брдо. Нашата општа стратегија е дека мораме да дојдеме до решение при што сите овие прашања на идентитетот и јазикот мора да бидат ставени на страна, рече Предан на заедничката седница на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања.
И.Т.