Премиерот Димитар Ковачевски со видео обраќање се осврна на провокациите што по повод отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола поттикнаа говор на омраза и недоверба меѓу двете страни. Ковачевски жали што со последната посета на бугарската делегација во Битола се разбудија духовите од минатото поттикнувајќи го повторно говорот на омраза и недовербата против кои успешно се боревме.
-Оттука, целосно го разбирам и чувствувам гневот на граѓаните во изминатите денови. Нашата држава ја стекна својата независност по Втората светска војна во која граѓаните учествуваа во антифашистичката народно ослободителна војна. Антифашистичката определба на граѓаните е дел од нашиот национален идентитет со кој се гордееме во демократска Европа. Македонските граѓани се определени за членство во ЕУ, но провокации кои ги повредуваат нашите чувства како граѓани ја загрозуваат таа определба, вели Ковачевски во своето обраќање.
Премиерот истакнува дека Република Северна Македонија е суверена држава и имаме должност да го чуваме нашето достоинство. Тој верува дека треба да продолжи дијалогот и унаредување на односите меѓу двата народи до конечно решавање на спорот.
-Но, за тоа да биде успешно, ниедна од страните не смее да прави чекори назад. Не смееме да дозволиме постојано враќање кон минатото и потези кои значат еднодневна политичка корист, а долгорочна штета на кревките односи кои ги градиме, стои во обраќањето на Ковачевски.
Свеченото отворање на клубот во саботата предизвика реакции на вознемиреност поради непочитување на чувствата на припадниците на македонскиот народ На отворањето на клубот „Ванчо Михајлов” во Битола, присуствуваа бугарскиот премиер Кирил Петков, шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска и потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова.
Присутни беа и ексминистерката за надворешни работи, Екатерина Захариева, како и ексминистерот Красимир Каракачанов.