Поскапуваат цените на јадењата во владините објекти

од Nikola Popovski
549 прегледи

Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски информира дека повеќе нема да има „багатела“ јадење на државна сметка преку услугите во владините објекти.

-Во изминатиот период, јавноста често со право обрнуваше внимание на ниските и непазарни цени по кои се користеа угостителските услуги на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата. Во таквите дебати особено беше апострофиран собранискиот и владиниот ресторан, каде цените на услугите и производите беа значително пониски од оние на слободниот пазар достапни за граѓаните, наведува Томовски.

Оттаму според него, Владата вчера едногласно усвои првична одлука за зголемување на цените на угостителските услуги за 50%.

-Ваквото зголемување на цените не е прекумерно имајќи предвид дека претходно цените беа значително пониски во споредба со приватниот пазар.

Во периодот што следува, ќе се прават дополнителни анализи и секогаш кога ќе се јави потреба поради отстапувања од пазарните цени, ќе има корекции на истите. Важно е да се обезбеди еднаков пристап на сите услуги, но без привилегии за избраните функционери и раководниот кадар, стои во Фејсбук-статусот на Томовски.

Лани во октомври, фотографија објавена од тогашната опозиција, од ценовникот во ресторанот во Влада, ги „вжешти“ социјалните мрежи. Во мениото на владата можеше да се забележи дека владините функционери за бифтек плаќаат 180 денари, телешко печење 160 денари, пастрмка 450 денари. Шопска салата чини само 40, истата во ресторан не може да се најде под 150 денари.

Од СОЗР тогаш ја информираа јавноста дека во бифето од ресторанот се опслужуваат 250 вработени во Владата покрај функционерите, а во Собранието бифето го користат сите пратеници, вработени во службите, како и медиумските работници кои се на извршување на работни задачи во законодавниот дом. Тоа значи дека цените во рестораните на државните институции, не важат само за функционерите, туку и за пратениците, службите, сите вработени итн.

-Прашањето на разликата во цените во ресторани кои ги опслужуваат државните институции и цените во комерцијалните ресторани кои ги плаќаат граѓаните не е прашање на привилегија, туку е прашање на одговорно работење и практики кои ги употребува Службата преку кои што се држат трошоците на институциите под контрола. Во оваа насока, посочуваме дека за разлика од енормните трошоци и милионските суми кои ги трошеше Владата на ВМРО – ДПМНЕ во овој сегмент, сега преку овие воведени практики на одговорно работење, се сведени на минимум. Сите државни институции трошат разумно и своите потреби ги задоволуваат во рамки на државните ресторани што во крајна линија значи заштеда и одговорно менаџирање на буџетските средства, посочија од тогашното СОЗР.

Слични содржини