Договорот следува по повеќегодишниот спор меѓу Вашингтон и Пекинг, кој започна за време на првиот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп, кога администрацијата се обиде да ја забрани апликацијата поради загриженост за националната безбедност.
Според американското законодавство, платформата требаше да биде забранета во САД во јануари 2025 година, освен ако нејзиниот кинески сопственик, ByteDance, не ги продаде американските операции на домашни инвеститори. Сепак, примената на законот беше повеќепати одложувана.
ByteDance вчера потврди дека го финализирал договорот за формирање заедничко вложување со мнозинска американска сопственост, кое ќе ги чува и управува податоците во САД, со што ќе се избегне забрана на апликацијата. Компанијата наведува дека новата структура ќе обезбеди заштита на податоците, апликациите и алгоритмите на американските корисници преку засилени мерки за приватност и сајбер-безбедност, но не објави детални информации за самото раздвојување.
Трамп го поздрави договорот преку објава на социјалните мрежи, оценувајќи дека TikTok „сега ќе биде во сопственост на група големи американски патриоти и инвеститори, најголемите во светот“. Тој му се заблагодари и на кинескиот претседател Си Џинпинг за, како што рече, „соработката и одобрувањето на договорот“.
Според договорот, американските и глобалните инвеститори ќе поседуваат 80,1% од уделот во новото заедничко вложување, додека ByteDance ќе задржи 19,9%. Трите главни инвеститори – технолошкиот гигант Oracle, приватниот инвестициски фонд Silver Lake и инвестициската компанија MGX – ќе поседуваат по 15% од уделите.