Постои ли живот во соседството на Земјата

од desk4
78 прегледи

 

 

Месечината на Јупитер – Европа стана главен кандидат во потрагата по вонземски живот во нашиот систем, откако научниците детално ги проучија податоците стари две децении од вселенското летало Галилео. Благодарејќи на филмовите, сериите и различната литература, вонземскиот живот за многумина значи и „мали, зелени“, напредни цивилизации способни за меѓугалактички патувања, понекогаш добронамерни, но главно (бидејќи тоа подобро се продава) злонамерни и со желба да експериментираат врз луѓето.

Поради тоа веста за можен живот на Европа ја заскокотка фантазијата на пошироката јавност и го сврте вниманието од Марс, „дежурно“ родно место на вонземјаните, кон Европа, која се наоѓа во сенка на џиновскиот Јупитер.

Прашањето за живот во Вселената е едно од фундаменталните прашања на кои многумина сакаат одговор, вели Стефан Цикота, астрофизичар од загрепскиот Факулет за електротехника и инжинерство, каде првенствено се истакнува интересот за разбирање на физикалните услови под кои може да се создаде живот, како и прашањето за статистичка веројатност за создавање живот во Вселената.

Кога зборуваме за живот во Вселената, прво мораме да направиме разлика меѓу интелегентни животни облици како напредни цивилизации од едноставни облици на живот, каде за интелегентни животни облици ги сметаме оние кои се доволно развиени да комуницираат на голема оддалеченост, на пример поради испраќање радио сигнал во Вселената, додава Цикота.

Иако Дрејковата равенка, која ја разви Френк Дрејк во 50-тите години од минатиот век, упатува на тоа дека нашата Галаксија би можела да е населена со милион напредни цивилизации, поради големите меѓусебни одалечености и векот на траење на цивилизациите од само неколку илјади години досега не сме стапиле во контакт со ниедна од нив, појаснува загрепскиот астрофизичар.

Поедноставни облици на живот

За разлика интелигентните цивилизации, научната заедница верува во можноста за постоење на наједноставни животни облици дури и во нашето најблиско соседство, на пример на Планетата Марс, на природниот сателит на Сатурн – Енцеладус, како и на природните сателити на Јупитер Јо и Европа.

Доктор Драган Гајиќ, редовен професор на Одделот за физика при Природно-математичкиот факултет во Ниш и претседател на Астрономското здружение Алфа, вели дека и покрај желбите и претпоставките на научниците, засега нема конкретни податоци дека вон Земјата постојат какви било облици на живот, па ниту на Европа.

Самата Европа е интересна бидејќи се покажува дека на неа, под дебелите наслаги лед, постои течен океан кој има двојно повеќе вода отколку сите океани на Земјата заедно и оти во гејзерите кои избиваат на површината има растворени органски соединенија.

– Тоа буди надеж дека во такви екстремни услови, во кои нема сончево зрачење и топлина, можеби сепак можат да се формираат примитивни форми на живот од типот на бактерии или алги. Сепак тоа се само надежи, наведува експертот за астрофизика, астробиологија и астрномија.

Во Сончевиот систем, како што стојат нештата, нема услови за формирање посложени форми за живот, што не значи дека не се можни примитивни форми, пред се, на Марс кој припаѓа на таканаречената  населлива (хабитациона) зона на Сонцето. Станува збор за област околу Сонцето на која условите се такви што овозможуваат постоење течна средина, што е еден од предусловите за формирање на живот.

Примитивни форми

На Марс не е воочена вода во течна агрегатна состојба на површината, но истражувањата покажуваат дека ја има во потповршинскиот слој, а некогаш на таа Планета постоел и океан.

– Доколку примитивни форми на живот постојат на некои од споменатите тела, не верувам дека тие можат да се развијат во сложени форми, бидејќи, како што се вели, нема доволно време за тоа. Веќе за млијарда години (ако претходно не се истребиме) животот на Земјата нема да биде можен, бидејќи Сонцето ќе почне да се шири што ќе доведе до исчезнување на океаните, драстични промени на планетата и тн. Тоа ќе ги направи поповолни условите на оддалечените и ледени светови во Сончевиот систем, но тие брзо (од аспект на еволуцијата) ќе станат сурови поради натамошното ширење и „умирање“ на Сонцето, вели професорот Гајиќ и потсетува дека на животот на Земјата за развој од едноклеточни до сложени форми му биле потребни речиси 3,3 милијарди години.

Иако нема потврди дека во „соседството“ има други животни облици, научниците не запираат да вложуваат напори во потрагата, дури и во случај кога ги бараат најпримитивните форми.

– По живот во Вселената се трага бидејќи со тоа ќе се добие одговор на „канонските“ прашања кои сме, од каде сме и каде одиме? Станува збор за прашања кои човекот отсекогаш себе си си ги поставува. Но овие трагања како последица ја имаат и практичната корист, како усовршување на автоматски сонди, нови ракетни горива, нови детекциски методи и опреми, развој на други технологии и слично. Сето тоа може да придонесе за идна колонизација на Вселената, наведува експертот од Ниш.

Што се однесува на нашето освојување и населување на далечните светови, засега тоа спаѓа во доменот на фантастиката, додава тој.

Серија потешкотии

Потешкотиите се огромни и поврзани се со должината на патување, малата брзина на движење, вселенската болест која се поврзува со долготрајниот претстој во безтежинска состојба, со суровите услови на тие вселенски тела на кои земјаните не се прилагодени.

А условитењ на тие други вселенски тела навистина знаат да бидат многу сурови.

Астрофизичарот Цикота наведе дека конкретно Европа, поради многу неповолните услови, не е интересна дестинација за испраќање екипажи ниту за колонизација. Површинската температура на Европа се движи од минус 220 до минус 150 степени Целзиусови, а гравитацијата на таа Месечина е отприлика осумпати послаба од земјината, речиси и да нема атмосфера, а поради магнетосферата на Јупитер е изложена на високи дози на радијација. Поради тоа треба да се очекува дека во таква средина може да опстојат исклучиво наједноставните животни организми, рече Цикота.

Поради тоа ќе биде потребен нешто поинаков пристап во истражувањето на Вселената.

– Јас сум склон да верувам дека освојувањето на тие светови прво ќе се изведува со помош на роботизирани сонди, кои би требало да ги „тераформираат“ и со тоа да овозможат услови кои за луѓето би биле колку – толку подносливи, вели професорот Гајиќ.

Ал Џезира Балкан – Сараево