Повеќе од 58 проценти од македонските граѓани нема да се вакцинираат, покажува анкетата на Телма и МЦМС. Во одговорите на прашањето „Колку е веројатно дека би се вклучиле во доброволна вакцинација за Ковид-19?“, дури 40,9% од испитаниците рекле дека воопшто не е веројатно дека ќе се вакцинираат, а заедно со оние кои рекле дека тоа донекаде не е веројатно се мнозинство од испитаниците или 58,6%.
Речиси и да нема разлика во поглед на степенот на образование кај оние кои одговориле дека нема да се вакцинираат, покажуваат резултатите од анкетата. Па така 59,3 проценти со незавршено образование и 50 проценти со постдипломски студии изјавиле дека нема да се вакцинираат. Поголеми разлики има во однос на полот и возраста, каде се покажало дека мажите се позаинтересирани за вакцинација од жените, 44,2 проценти рекле дека целосно или до некаде е веројатно дека ќе се вакцинираат, за разлика од 31 процент од жените.