Повеќе од шест милиони граѓани на ЕУ бараат престој во Велика Британија

од Nikola Popovski
227 прегледи

Повеќе од шест милиони граѓани на Европската унија поднесоа барање за потврда за легален престој во Велика Британија пред истекот на рокот, односно крајот на јуни, што го постави британската влада во рамките на процесот на повлекување од европскиот блок.

Во соопштението на британското Министерство за внатрешни работи се наведува дека од 6,02 милиони лица кои аплицирале, околу 400 000 барања биле поднесени во последниот месец пред истекот на Шемата за легален престој на граѓаните на ЕУ, пренесува агенцијата АП.

„Да се ​​има повеќе од шест милиони апликации за оваа шема е невидено достигнување и среќен сум што обезбедивме права за толку многу граѓани на ЕУ, наши пријатели, соседи и членови на семејството“, рече британскиот министер за внатрешни работи, Прити Пател.

Британското Министерство објави дека 570 000 лица со барање за„чекање“ ќе имаат заштитени права сè додека не се донесе одлука за нивната апликација и дека ќе има „неопределена рамка“ за сите оние што го пропуштиле рокот за последователно да достават апликација.

Луѓето кои се пријавиле до крајниот рок добиле сертификат што можат да го искористат ако поради некоја причина треба да го докажат својот имиграциски статус.

Шемата беше воведена во март 2019 година, како дел од плановите на Велика Британија да ја напушти ЕУ. Еден од главните ефекти на Брегзит беше крајот на слободата на движење. Според таа шема, на граѓаните на ЕУ во Велика Британија ќе им бидат загарантирани нивните права, вклучително и пристап до бенефиции и здравствена заштита, пренесе Танјуг.

Секој граѓанин на ЕУ кој не се пријавил сега може потенцијално да ги изгуби своите права или дури да биде предмет на депортација.

Слични содржини