Повеќе од 30 деца неделава беа обединети со своите семејства во Украина по долгата операција за враќање од Русија, каде што беа однесени од окупираните територии за време на војната, соопшти денеска хуманитарната организација „Save Ukraine“.
Киев проценува дека речиси 19.500 деца биле однесени во Русија од почетокот на војната во февруари минатата година, означуваjќи го тоа како нелегална депортација, пренесува Ројтерс.
Москва, која контролира делови од источна и јужна Украина, негира дека ги киднапирала децата и вели дека тие биле земени заради нивна безбедност.
„Сега завршува петтата спасувачка мисија. Беше посебно поради бројот на деца што успеавме да ги вратиме, а исто така и поради нејзината сложеност“, изјавил Микола Кулеба, основач на хуманитарната организација „Save Ukraine“.
Оваа организација им помогна на украинските роднини на децата однесени во Русија со логистика, транспорт и планирање потребни за да го направат долгото патување за да ги донесат и да ги вратат своите деца.
„Имаше деца кои ја менуваа локацијата пет пати во пет месеци, некои деца велат дека живееле со стаорци и лебарки“, рече Кулеба.
Децата биле однесени во таканаречените летни кампови од окупираните делови на украинските региони Харков и Керсон, додаде тој.
Минатиот месец Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и руската комесарка за правата на децата Марија Лвова-Белова, обвинувајќи ги за незаконско депортирање на деца од Украина.
Москва не ја крие програмата во која донесе илјадници украински деца во Русија од окупираните територии, туку ја претставува како хуманитарна кампања за заштита на сирачињата и децата напуштени во зоната на конфликтот, наведува Ројтерс.
Русија ги отфрли наводите на Меѓународниот кривичен суд, велејќи дека не ја признава јурисдикцијата на тој суд и ја прогласи за ништовна потерницата против Путин и Лвова-Белова.