Повиците за етничко гласање нема да донесат проблеми во Владата: „Касами доби голем контингент гласови во прв круг, самото повикување на гласање за ДУИ е предавство во коалиција“

Тензии во владеачката коалиција: „Ако Касами ја напушти Владата, можеби некој од коалицијата Ахмети, Таравари и Села е подготвен да учествува со одреден број на пратеници“

од Nikola Popovski
35 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/Телма

Уште пет дена предизборна кампања, пред гласањето в недела на вториот круг од локалните избори. Партиите и кандидатите продолжуваат со мини-митинзи и средби со граѓани. Се погласни стануваат и препукувањата меѓу противкандидатите, но и ставовите на лидерите на политичките партии. Владината коалиција е стабилна, уверува премиерот Христијан Мицкоски. Испеглани се разликите со ВЛЕН, уверува Мицкоски, кој ги отфрли шпекулациите дека дел од коалицијата ќе стане и градоначалникот на Струга и сега веќе поранешен член на ДУИ, Рамиз Мерко.

Премиерот потврди дека имал средба со еден од лидерите на ВЛЕН и градоначалник на Тетово, Биљал Касами, кој е кандидат за градоначалник на Тетово.

„Јас се сретнав со Касами. Разговаравме. И мислам дека тој веќе почна да ги испраќа оние вистински изјави кои треба да му прилегаат на еден градоначалник на мултиетничко Тетово“ – рече Мицкоски. На прашање за реконструкција на Владата, Мицкоски потенцираше дека неговата партија ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата сега се фокусирани само на вториот круг на локалните избори.

Ова следува откако кандидатот за градоначалник на Општина Брвеница од ВЛЕН, Хаќим Рамадани, кој е и директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа, на средба со иселеници во Хамбург, Германија, рече дека „треба да се знае кој е газда на својата земја“, и дека општините како Кичево, Брвеница, Тетово и секаде каде се мнозинство Албанците, мора да ги води Албанец.

Повици за етничко гласање или нормална борба за гласови?

За дел од експертската јавност, битката за секој глас на локалните избори е многу битен. Според политичкиот аналитичар и екс-министер, Имер Селмани, сега имаме две различни гледишта – првото е од страна на пошироката јавност кај албанскиот блок кој што ја обвинува ВЛЕН дека победите од првиот круг и се припишуваат на ВМРО-ДПМНЕ поради гласовите кои меѓусебно коалициски си ги дадоа.

-Од друга страна, сега ги гледаме истите тие кои што го обвинуваа ВЛЕН дека тесно соработува со партијата на Христијан Mицкоски, што за мене ништо не е ново туку тоа е традиционална соработка со оглед дека се заедно во централната власт. Сега гледаме дека обвинуваат за кревање на тензии и несогласување меѓу партиите во коалицијата. Ниту едното ниту другото не стои според мене и се она што го гледаме како став и јавна искажана мисла е борба до последниот глас и порака до своето гласачко тело. Сето тоа го гледам како битка и како нормално се додека е во рамките на демократското однесување и убедување да гласаат за нивните кандидати. Нормално е секоја партија да се натпреварува и да пробуваат да си ги добијат гласачите и тоа да бидат што повеќе. Тоа е дел од демократијата, вели Селмани во разговор за „Локално“.

Имер Селмани/Фото: Фејсбук

Сега во предизборието, додава тој, можеме да слушнеме многу работи кои веројатно по изборите нема да бидат така.

-Во демократијата се е можно, но само што потребни се бројки. Знаеме дека за мнозинство, покрај 61 глас во Собранието, треба да се има и бадентеровото мнозинство. Ќе почекаме да помине вториот круг, додава Селмани, потенцирајќи дека ако хипотетички зборуваме дека Касами може да ја напушти Владата или да му биде скратено учеството, од другата страна во НАИ имате најмалку тројца партнери.

-Зошто да не го поставиме прашањето: дали некој од таа страна можеби е подготвен да учествува во Владата со одреден број на пратеници? Рано е за прогнози и комбинации, нема јавно искажан став од ниту еден од лидерите на партиите, освен тоа што е во рамките на демократското однесување и напори за добивање на глас повеќе, констатира Селмани во кратката анализа.

Од друга страна, политичкиот аналитичар Александар Ристевски смета дека делови од ВЛЕН „се што поставиле како темел, постои веројатност да им излезе низ нос“. Според Ристевски, Касами доби голем контингент гласови во прв круг и самото повикување на гласање за ДУИ е предавство во коалиција.

-Истото е и со ликот од Брвеница. Вака Македонија не е концепт на оваа Влада. Треба да се извинат и во пракса да покажат како треба. Во недела ќе дознаеме, порача аналитичарот во разговор за „Локално“.

Александар Ристевски/Фото: Принтскрин/Јутјуб

Запрашан дали по изборите е можно раскинување на коалицијата со ВЛЕН или евентуално делови од коалицијата, соговорникот тврди дека владеачката коалиција е стабилна. Самото ВЛЕН е исполнително и тера во интерес на народот и на своите гласачи.

-Што, како ќе се случува со Касами и неговиот дел, сами ќе покажат. Пред се во недела, истакна Ристевски, додавајќи дека Владата има стабилно мнозинство.

-Видовме како пројде Касами, а и самото ДУИ. Поларизирање на народот не води никаде. Поготово не на етничка основа. Тој момент мора да го надминеме. Нема предвремени избори, Владата има мандат до 2028 мај. Кој не сака во Влада, слободно може да ја напушти истата. СДС имаше 7 и пол години Влада со 61, 62 пратеници. Сегашната Влада има стабилно мнозинство. Нема избори, дециден е аналитичарот.

Христијан Мицкоски со Биљал Касами/Фото: Фејсбук

Работа на опозицијата е да бара предвремени избори, но и да ги добие, ќе ги изгуби, одговори премиерот Мицкоски на се погласните повици за ново одмерување на силите за пратенички мандати. Сега за сега е извесно – парламентарни избори нема да има, но дали ќе има реконструкција на Владата ќе се знае по партискиот конгрес.

И додека власта калкулира за можни интервенции во министерските ресори, во опозициската СДСМ се најавуваат кадровски промени. Чии партиски фотелји се нишаат, засега Филипче не открива, но вели дека наредниве денови работите ќе бидат појасни.

Иако парламентарни избори не се очекуваат во скоро време, партиите остануваат активни на локално ниво, каде нивните каравани ги обиколуваат општините, во пресрет на гласањето закажано за 2 ноември.

Н.П.

Слични содржини