Повлечен предлог-законот за странски агенти кој предизвика бран протести во Грузија

од Stefanija Kuzmanovska
159 прегледи

Предлог-законот за странски агенти, кој предизвика бран протести во Тбилиси, е повлечен од грузискиот парламент, соопшти денеска политичкиот совет на владејачката партија Грузиски сон, пренесоа руските агенции.

„Решивме безусловно да го повлечеме предлог-законот кој го поддржавме“, се наведува во соопштението објавено од грузискиот Прв канал, пренесува РИА Новости.

Протестите во Тбилиси почнаа пред зградата на грузискиот парламент на 7 март, откако во прво читање беше усвоен предлог-законот за странски агенти.

Полицијата употреби солзавец и шок-бомби за да ги растера демонстрантите. Демонстрантите фрлаа молотови коктели и камења врз службениците за спроведување на законот, а неколку учесници на протестот ги отстранија металните бариери пред грузискиот парламент.

Министерството за внатрешни работи извести дека има повредени од двете страни и дека протестите биле „екстремно насилни“.

Законот предвидува дека организациите кои добиваат повеќе од 20 отсто од средствата од странство ќе бидат регистрирани како „странски агенти“ и ќе подлежат на надзор на грузиското министерство за правда.

Иницијаторите на предлог-законот тврдат дека станува збор за помека верзија на американскиот закон, а опозицијата тврди дека предлог-законот нема никаква врска со американскиот закон и дека е аналоген на законот што е на сила во Русија.

Слични содржини