Повторно немирно на протестите во Хонгконг

од desk2

Полицијата во Хонгконг употреби солзавец и водени топови врз демонстрантите кои фрлаа Молотови коктели пред седиштето на локалната влада во градот, бидејќи повторно дојде до насилство откако илјадници продемократски демонстранти тргнаа на марш низ градот и покрај забраната од полицијата.

Демонстрантите шетаа два километра до централниот бизнис кварт од градот, при што вееја американски и британски знамиња, носеа транспаренти и ги повторуваа повиците за демократски реформи, пренесуваат американските медиуми.

Полицијата го одби барањето на Граѓанскиот фронт за човекови права за оддржување на маршот, по што демонстрантите, сепак, се собраа и ја почнаа поворката низ градот.

– Чуствувам дека е тоа наша обврска. Владата сака да нѐ блокира со забраната, но народот не се плаши, изјави еден од демонстрантите.

Маршот го попречи сообраќајот во тој дел од градот, а многу продавници и стоковни куќи беа затворени.

Некои демонстранти користеа метални огради и канти за смет за да постават барикади на улиците.

Демонстрантите ги палеа кинеските знамиња и уриваа паноа со честитки до кинеската владеачка Комунистичка партија, која на 1 октомври ќе прослави 70 години од доаѓањето на власт.

Западните медиуми јавија дека се повторија призорите од претходно, со искршени прозорци и уништени надзорни камери на излезите од метро станиците.

Стотици демонстранти потоа го гаѓаа коплексот со владини канцеларии, фрлајќи тули и Молотови коктели преку полициските бариери. Полицијата возврати со истрелување солзавец и употреба на камиони со водени топови.

Слични содржини