Повторно пожар во Кисела Вода: Уништен автомобил „опел астра“, втор инцидент за еден месец

од Илинка Илиоска
82 прегледи

Рано утрово, во скопската населба Кисела Вода, на улицата „Жил Верн“, избувнал пожар во автомобил „опел астра“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на 34-годишниот В.Б. од Скопје, потврди Министерството за внатрешни работи. Настанот е пријавен во 04:20 часот, а пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита. Во инцидентот нема повредени лица, додаде МВР.

„На 16.10.2024 во 04.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул. ‘Жил Верн’ во Скопје настанал пожар во патничко возило ‘опел астра’ со скопски регистарски ознаки, сопственост на В.Б.(34) од Скопје. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема“, соопшти МВР.

Ова е втор ваков инцидент во последниот месец во Кисела Вода. На 15 септември, во истата скопска населба, исто така во раните утрински часови, беа опожарени три возила – „ауди“ со кумановски регистарски ознаки, сопственост на Д.С. (32) од Куманово, „рено“ со скопски регистарски таблички, сопственост на М.С.Е. (31) од Скопје, и „фиат пунто“ со скопски регистарски таблички, сопственост на Љ.М. (62) од Скопје.

„На територија на Кисела Вода биле опожарени три возила, патничко возило ‘ауди’ со кумановски регистарски ознаки, сопственост на Д.С.(32) од кумановско, патничко возило ‘рено’ со скопски регистарски таблички, сопственост на М.С.Е.(31) од Скопје и патничко возило ‘фиат пунто’ со скопски регистарски таблички, сопственост на Љ.М.(62) од Скопје“, информираа тогаш од МВР.

Во двата инцидента, пожарот бил изгаснат од страна на Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а полицијата работи на утврдување на причините за овие пожари и расчистување на случаите.

Слични содржини