Повторно пукано врз еврејско училиште во Канада, фрлени и молотови коктели

од Nikola Popovski

Повторно пукано кон еврејско училиште во Канада, а неодамна биле фрлени и молотови коктели, јавува „CBC“.

Полицијата соопштила дека примила неколку повици за пукање во близина на Јешива Гедолах во Монтреал, лоцирано на „Дикон роуд“ во квартот Кот-де-Неж, околу 5 часот наутро во неделата.

Кога полицајците пристигнале, соопштиле дека нашле траги од куршуми на зградата и чаури на земјата во близина.

Никој не е повреден, а засега никој не е уапсен.

Портпаролката на полициската служба Вил де Монтреал (SPVM) Вероник Дубук вели дека сведоците пријавиле дека виделе возило кое бегало од местото во моментот на пукањето.

Таа додала дека полицијата не може да потврди дали имало некој во зградата во моментот на инцидентот.

Мајер Феиг, член на Советот на Хасидските Евреи од Квебек, вели дека пукањето кон училиштата имаат за цел да го заплашат еврејското население во градот.

„Тие сакаат да влеат страв во заедницата“, рекол Феиг.

„Овие работи мора да престанат. Нема место за ова во Квебек, Канада или Монтреал. Има конфликт што се одвива илјадници милји подалеку, не носете го овде“.

Градоначалничката на Монтреал, Валери Планте, во неделата наутро на социјалната мрежа „X“ изразила жалење за инцидентот и го нарекла пукањето „одвратно“.

„Нема да дозволиме Монтреал да биде сцена на такви дела“, напишала таа. „Мораме да се бориме против антисемитизмот. Сите жители на Монтреал имаат право да се чувствуваат безбедно“.

И Јешива Гедолах и Талмуд Тора, друго еврејско училиште во областа, биле погодени од огнено оружје во текот на ноќта во средата.

Полицијата соопшти дека двете училишта биле празни во моментот на пукањето и дека нема повредени.

Во понеделникот, синагогата на Западниот остров и еврејската заедница биле нападнати со молотови коктели.

Инцидентите се случуваат во време на зголемени тензии во Монтреал поради тековниот конфликт меѓу Израел и Хамас на Блискиот Исток.

Помеѓу 7 октомври и 7 ноември, полицијата во Монтреал изброи 73 пријавени злосторства од омраза и инциденти од омраза против еврејската заедница и 25 против арапско-муслиманската заедница.

Полицијата во Монтреал минатата година изброила 72 злосторства од омраза и инциденти против сите групи за цела 2022 година.

Фото: Remiorz Ryan/CP/ABACA / Abaca Press / Profimedia

Слични содржини