Во пожар во болница во западна Германија, што се случи во четвртокот доцна навечер, повредени се 28 лица, од кои пет потешко, соопшти локалната полиција, а пренесе во петокот агенцијата Дпа.
Пожарот избувнал во соба за пациенти во болница во Хемер, град на околу 30 километри југоисточно од Дортмунд. Персоналот брзо почнал да ги евакуира другите пациенти од болницата, изјави портпаролката на полицијата.
Пет лица се тешко повредени, но според првите сознанија немаат изгореници.
Четворица од посериозно повредените се префрлени на лекување во други болници, додека едно повредено лице е згрижено на одделението за интензивна нега во болницата во која избил пожарот, изјави портпаролот на пожарникарите.
Меѓу повредените има пациенти, но и вработени.
Делот од зградата каде што избувна пожарот повеќе не е употреблив, изјави портпаролката на полицијата.
Истрагата за причините за пожарот ја презеле локалните детективи.