Пожар во автобус на ЈСП во Бутел

од Nikola Popovski
598 прегледи

Повторно немил настан во кој се инволвирани старите и дотраени автобуси на ЈСП. Денеска во скопски Бутел, се запали возило на претпријатието под капата на Градот Скопје.

На снимка на социјалните мрежи се гледа автобус во пламен како стои на автобуска постојка. Според информациите од терен, чад го зафатил целото возило, стаклата се распукале.

Засега нема информации за повредени лица. Повеќе детали се очекуваат во текот на денот.

Дека состојбата во ЈСП веќе подолго време не е идилична, сведочат и неодамнешните настани кога автобус заврши во бетонска жардиниера откако му закочи воланот на возачот. Пред два викенди, автобус исто така се запали под Железничката станица, а возачот заврши на Клиниката за Токсикологија откако вдишал чад.

За лошата состојба во ЈСП и старите и дотраени возила, информираше и првиот човек на јавното претрпријатие, Драги Кушовски. Смета дека нема потреба да се крие и побара одлука на Советот на Град Скопје за да се набават нови автобуси.

-Возниот парк, по набавката на кинеските автобуси „јутонг“ броел околу 350 автобуси и возните редови, и летен и зимски, биле адаптирани на таа бројка автобуси. Во моментов во сообраќај се од 190 до 200 возила и со нив не можеме да го опслужиме ни летниот возен ред којшто знаеме дека е скратен возен ред. Од септември кога треба да стартува зимскиот возен ред ситуацијата ќе биде уште потешка. Од денешен аспект и ниеден автобус да не ни се расипе ќе имаме недостаток од 100 автобуси. Во моментов имаме недостиг од 40-50 автобуси, рече меѓу другото Кушовски кога се обраќаше во Советот на Град Скопје.

Слични содржини