Пожари беснеат на Медитеранот: Загинаа над 40 лица, илјадници се евакуирани

од Stefanija Kuzmanovska
257 прегледи

Повеќе од 40 луѓе загинаа, повеќето во Алжир, во шумските пожари на Медитеранот кои им се закануваат на селата и одморалиштата, а илјадници се евакуирани.

Грција се подготвува за нови летови за евакуација од Родос, додека пожари беснеат и на островите Крф и Евија. Топлотниот бран не стивнува, се очекува температурите да се искачат над 44 степени во делови од Грција.

Министерството за цивилна заштита предупреди на екстремна опасност од пожари во шест од 13 региони во земјата.

Пожарите кои се шират низ Сицилија ја принудија Италија накратко да го затвори аеродромот во Палермо. Со помош на локалните жители, стотици португалски пожарникари од вчера се борат со пожарот во природниот парк во близина на популарната дестинација за одмор Каскаис, а силните ветрови ги отежнуваат напорите.

Пожарот избувна вчера попладне во планинска област која е дел од природниот парк Синтра-Каскаис, кој зафаќа околу 145 квадратни километри земја и се наоѓа западно од главниот град Лисабон. Со помош на 189 возила беа донесени повеќе од 600 пожарникари по избувнувањето на пожарот. Со пламените јазици се бореа и канадерите, но морале да ја прекинат работата кога падна ноќта.

Силните ветришта и вегетацијата што ја суши ветрот значи дека пожарникарите во многу области се борат да го изгаснат пламенот и да создадат противпожарни премини. Најголем број на загинати досега има во Алжир, каде има 34 жртви меѓу кои и десет војници зафатени од пламен за време на евакуација во крајбрежната провинција Беџаја, источно од Алжир. Беџаја е најтешко погодената област со 23 смртни случаи, според локалните медиуми.

Алжирските власти соопштија дека 80 отсто од пожарите се изгаснати од неделата, но продолжуваат огромните напори, во кои се вклучени околу 8.000 луѓе, стотици противпожарни возила и неколку авиони. Пожари беснеат и во Тунис, каде што 300 луѓе мораа да бидат евакуирани од крајбрежното село Мелула.

Слични содржини