Евакуации на жителите од периферните населби на Патра, третиот најголем град во Грција почнаа вечерва, откако големиот пожар што почна на југот на островот Пелопонез дојде до урбаната област, јави Екатимерини.
Кратко по 18 часот беше испратена СМС порака за евакуација на жителите на четири периферни населби, односно повик да бегаат кон центарот. Претходно беа евакуирани жителите на уште една населба.
Еден час подоцна истиот повик за евакуација беше упатен кон жителите на уште четири населби.
Евакуираните ќе бидат сместени во Панпелопонескиот стадион во Патра.
Градоначалникот на Патра за ширењето на пожарот прстот го впери кон недостигот на противпожарни ресурси.
Според Националната опсерваторија во Атина, пожарите на отворено во изминатите два дена изгореле 10.000 хектари површини во цела Грција, а во Ахаја се изгорени околу 2.000 хектари
Големиот пожар дивееше и на просторот на царинарницата во Патра, каде што се наоѓале стотици возила под надзор на Грчката независна управа за јавни приходи (AADE).
Според првичните проценки, дури 550 автомобили биле целосно уништени, што претставува огромно мнозинство од вкупниот број возила паркирани на отворениот простор на царинското складиште.
Повеќе од половината од овие возила веќе биле расходувани и не можеле да се продадат преку аукција како исправни превозни средства.