Познати имиња меѓу советниците на Мицкоски: Дали има во Македонија нови и „неизвалкани“ кадри кои можат да бидат на функција?

од Nikola Popovski
256 прегледи

Поранешниот вицепремиер за економски прашања Владимир Пешевски, поранешниот министер за финансии, Зоран Ставрески, поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски….се дел од кадрите кои го советуваат премиерот Христијан Мицкоски за разни области. Владата дури вчера ги објави имињата на советниците, иако веќе изминуваат осум месеци од преземањето на власта. На владината интернет-страница, каде што меѓу седумте приоритети во владеењето од 2024 до 2028 година е наведена „обврзувачка транспарентност“.

Дел од јавноста обвинува дека поставени се „отпишани“ кадри, односно лица кои исто така извршуваа некаква јавна функција додека со државата раководеше тогашното ВМРО-ДПМНЕ на екс-премиерот Никола Груевски. Се чини дека ја нема потребната „свежина“ на кадри со која премиерот Мицкоски се фалеше и ја најавуваше во предизборниот период. Барем таков е ставот на опозицијата.

За дел од јавностата и познавачите на состојбите, секој премиер, назначувал „советници“ согласно практиката досега. Според аналитичарот Благојче Атанасоски, најчесто станувало збор за стари рециклирани кадри или дел од коалициските партнери, кои требало „финансиски да се вдомат“. Во разговор за „Локално“ појаснува дека „тешка катастрофа е што поранешни високи функционери, обвинети и амнестирани, немаат капацитет да се наметнат на пазарот на трудот, туку односно се закачуваат на државни јасли, како некакви експерти, да земаат месечен надоместок од 60 до 90.000 денари, за т.н. „извештаи“, односно за ништо“.

Според него, се поставува прашањето дали немаме вистински кадри, професионалци во својата област, кои ќе придонесат со додадена вредност од советувањето, односно ќе имаат реален инпут и бенефит од нивната работа како советници кај првиот министер и државата и граѓаните ќе имаат бенефит од истите.

-Кај нас обратно – станува збор за потрошена политичка елита, која повторно сака егзистенцијално да „цица“ буџетски пари, констатира соговорникот.

Со оглед дека гледаме многу кадри од времето пред 2016 година, на прашањето дали се уште се слуша зборот на екс-премиерот Никола Груевски во партијата, Атанасоски оценува дека не, туку дека станува збор за „политичко – партиски полтрони кои секогаш се пренасочуваат со победничката елита во својата партија“. Како што додава, така било и при преминот од поранешниот премиер Љубчо Георгиевски кон Груевски, така е и сега со преминот од Груевски кон Мицкоски.

Аналитичарот исто така оценува дека премиерот не испраќа порака со ова, освен „голо, дрско и безобразно назначување на една потрошена политичка елита на државни јасли“. Рециклирање на пензионирани политичари, вели Атанасоски, колку само од „позадина“, да се наоѓаат со една и единствена цел-да земаат плата/паушал од буџетот на државата, односно од сите нас, даночните обврзници.

Сличен став има и професорката и граѓанска активистка, Мирјана Најчевска. Според нејзините зборови, она што може да се види е дека Мицкоски се потпира на старите кадри од времето на Груевски и/или на кадри кои се во роднинска врска со дел од високите функционери во власта. Критериумите како професионалност, знаење од конкретна област, интегритет, отсуство на криминално досие, истакнува Најчевска, очигледно не се дел од критериумите според кои се бирани овие луѓе.

-Врзувањето единствено за докажани партиски луѓе покажува дека не станува збор за луѓе од кои се очекува стручна помош, туку лојални сопартијци на кои може да се потпре или кои треба да бидат згрижени/наградени за партиската активност, вели професорката во разговор за „Локално“.

Сепак, не смета дека е ова показател само на тоа дека се слуша зборот на Груевски во партијата. Најчевска смета дека „има нешто многу пострашно, а тоа е дека нема никаква промена во партијата, никаков напредок ниту реформа. Ова, како што вели, покажува дека ВМРО-ДПМНЕ воопшто не ги разбрало грешките кои ги направи партијата во претходното владеење заради што беше симната од власт.

-Непрепознавањето на овие грешки, значи дека со леснотија ќе ги повтори, што е погубно за државата и за граѓаните. Со други зборови, ВМРО-ДПМНЕ не созреала за да биде на чело на државата и се наоѓа таму само заради тоа што граѓаните се уште на изборите не гласаат за туку против, ни рече соговорничката.

Преку ваквите потези, Најчевска гледа една многу јасна порака од премиерот до граѓаните дека „не му е гајле за нивното мислење (кое беше многу јасно искажано во 2016 година на големите протести), дека не му е гајле за владеењето на правото (кое нема никакво значење кога станува збор за партиските кадри) и дека не разбира каков удар на кредибилитетот на Владата претставува именувањето на осомничени и осудени за криминални дејствија (и тоа од оние кои значат насилно рушење на уставниот поредок) и секако, потполно отсуство на свест дека во државата постојат и луѓе-професионалци кои не се партиски определени, а кои можат и треба да бидат искористени во креирањето на политиките на Владата“.

-Со други зборови упатува порака дека имаме партиска врхушка која има за цел да го искористи периодот на владеење за себе богатење и лични бенефици, а не Влада која го насочува и овозможува развојот на државата во целина, заклучува професорката.

Според информациите од Владата, Пешевски е советник за стратешки прашања од областа на економијата, а Ставрески за финансии и банкарство. Поранешниот претседател на Собранието, пак, е советник за собраниски, политички и правосуден систем.

Од останатите, професорот Александар Спасеновски, кој беше и пратеник во собранискиот состав 2011-2014 година, е советник за европски прашања, а за надворешна политика премиерот го советува амбасадорот Сашо Марковски, кој е и специјален претставник во процесот на преговори на претседателот на Владата со Европската Унија.

Меѓу советниците на Мицкоски е и Јоханес Хајдекер, кој советник прв го најми поранешниот премиер Зоран Заев, а за него се тврди дека бил советник на германската екс-канцеларка Ангела Меркел. И наследникот на Зоран Заев, Димитар Ковачевски, го задржа Хајдекер како  советник. Објаснувањето за Хајдекер на сајтот на владата вели: „интегриран експерт за зајакнување на капацитетот на економскиот тим во канцеларијата на претседателот на Владата за подготовка на целни документи за политики, анализи и совети до премиерот и координација со другите ресорни министерства при подготовка и имплементација на владините економски политики со јасна стратешка ориентација кон процесот на пристапување во ЕУ“.

Исто така има и двајца поранешни директори на УБК, Љупчо Андоновски и Горан Николовски. Во делот на безбедноста, Горан Николовски е советник за стратешки прашања од областа на безбедноста, а Љубчо Андоновски советник за национална безбедност. Јован Пејковски е советник од областа на политичките и економските науки.

За советник за инфраструктура е назначен Цветко Мицевски, од областа на правото Гоце Наумовски, а за труд и социјална политика Лазар Јовевски. За животна средина советник на премиерот е Даме Димитровски, а за односи меѓу заедниците Шенер Биљали.

Советничкото место за реформи во здравството од 31 јануари останува празно откако досегашниот советник Игор Николов е именуван за амбасадор на Франција.

Меѓу советниците на премиерот има и две жени – Мимоза Рајл советник за култура и Снежана Трпевска советник за унапредување на образованието, здравството, социјалната заштита и спроведувањето на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост.

Според изјавата на Мицкоски од последната прес-конференција, сите советници земаат надомест од 60.000 денари месечно, освен Хајдекер и Марковски, кои земаат 90.000 денари месечно.

Поранешниот премиер Зоран Заев на стартот од функцијата ја продолжи „традицијата“ на неговиот претходник и објави дека има помалку – 39 надворешни соработници, но заедно со советниците и посебните советници се вкупно 63 ангажирани лица. За 39-те надворешните соработници кои тогаш ги ангажираше годишно се исплаќаа 307.000 евра. Во негово време за прв пат на сајтот на владата беа објавени и надоместоците кои тие ги земаат.

Неговиот наследник Димитар Ковачевски на стартот најави дека ќе има 12 надворешни советници и ги објави нивните имиња.

Н.П.

Слични содржини