Групацијата Prada денес објави дека по шест месеци чекање за регулаторно одобрување, го купила Versace, а зделката е вредна 1,25 милијарди евра.
Извршен претседател на куќата ќе биде Лоренцо Бертели, наследник на групацијата Prada и раководител на корпоративната општествена одговорност, пишува Vogue.
Аквизицијата на модната куќа Versace се случи во април оваа година, откако компанијата се соочи со сериозни финансиски тешкотии во последните пет години.
Приходите на брендот само во 2025 година се намалија за 15 проценти на 193 милиони долари, објави поранешниот сопственик на Versace, „Капри Холдингс“, кој го стави брендот на продажба во февруари, додека Prada ги објави своите планови за купување на куќата во април 2025 година.
Групацијата Prada, која управува со брендовите на Prada – Miu Miu и Church’s, е една од ретките луксузни компании кои во голема мера го издржаа забавувањето на луксузниот пазар и, според аналитичарите, би можеле да бидат добро позиционирани за да го зајакнат бизнисот на Versace.
Лоренцо Бертели изјави за Vogue дека е јасно дека Versace сега ќе има можност целосно да влезе во „светот на индустриското производство“.
Тој рече дека Versace е естетски различен од постојното портфолио на Prada, што е предност бидејќи нема преклопување во креативниот пристап и целната публика.
Аквизицијата ѝ овозможува на Prada да достигне нови клиенти и да ја шири пораката на брендот на поинаков начин, како и да го искористи „огромниот потенцијал“ на Versace, додаде Бертели.
Донатела Версаче ќе остане глобален амбасадор на куќата, се вели во соопштението.
„Апсолутно сум воодушевена што Versace стана дел од семејството Prada. Џани и јас отсекогаш имавме големо восхитување кон Миуча, Патрицио и нивното семејство. Почестена сум што брендот е во рацете на толку доверлив италијански семеен бизнис и подготвена сум да ја поддржам оваа нова ера за брендот на кој било начин што можам“, напиша таа на својот Инстаграм во април.
Како што објави порталот BoF, вистинската работа само што започнува, а напорите на Prada да го оживее култниот бренд основан од Џани Версаче ќе бараат многу труд и трпение, особено во следните 12 месеци. Во првата половина од 2025 година, приходите на Prada пораснаа за осум проценти на годишно ниво на 2,74 милијарди евра, додека се очекува Versace да оствари приходи од околу 698 милиони евра во 2024 година.