Прашањето е дали забрзаниот раст на бројот на случаи во југо-истокот на Англија се должи на новиот вид на вирусот или локална епидемија или станува збор поради мерки што не беа доволно строги, изјави водечкиот германски вируолог Кристијан Дростен за новиот вид на коронавирус што го загрижи светот.
Повеќе од 40 земји досега воведоа забрана за летање од и кон Велика Британија поради избувнувањето на овој вид на вирусот, додека многу земји размислуваат за построги епидемиолошки мерки.
Сепак, водечкиот германски вируолог смета дека оваа мутација на короната не мора да биде толку опасна како што изгледа, пренесува РТ.
„Изјавите дека овој вид е заразен за 70 проценти од претходниот, не се ништо, туку само тврдења на политичарите. „Одеднаш се појави тој број и никој не знае што значи тоа“, изјавил за радиото Дојче Фанк, Дростен, раководител на одделот за вирусологија во берлинската универзитетска болница „Charité“, една од најголемите во Европа.
Дростен смета дека во моментов нема доволно податоци за да се каже дали новиот вид на вирусот е поопасен од претходните. Тој додава дека таквите податоци може да пристигнат само за неколку недели. Тој верува дека можеби новиот вид не е виновен за брзото ширење на вирусот на југоистокот на Англија.
„За да го знаеме тоа, ќе мора да видиме кој кога и колку долго se заразил“, вели германскиот експерт, додавајќи дека ќе биде изненадување ако главните параметри, како што е инфективноста на вирусот, се променат толку драстично.
Според претпоставките, новиот вид на вирусот се врзува поцврсто со човечката клетка. Сепак, Дростен наведува дека ова не значи автоматски нејзина побрза репродукција, бидејќи останува во една ќелија подолго отколку што треба за да може успешно да се размножува.
Дростен исто така изјавил дека слични мутации ва коронавирусот веќе се случиле за време на пандемијата, за нагло да исчезнат. Според него, новиот вид нема да влијае на ефективноста на вакцините. Тој објаснил дека имунолошкиот одговор што се јавува за време на вакцинацијата е многу сложен процес на кој тешко може да влијаат малите промени во вирусната структура.
Сепак, тој додава дека официјалните лица се во право кога се претпазливи во врска со новиот вид, но дека нивниот пристап може да се промени кога имаат повеќе информации.