Пратеничките „оро виеја“ на попладневната расправа на третиот ден од ребалансот на буџетот

од desk4

Во попладневниот дел на третот ден од собраниската расправа за ребалансот на буџетот, пратеничките и од власта и од опозицијата беа најприсутни. За Даниела Христова од ВМРО-ДПМНЕ ребалансот на буџетот е така скроен за да му служи на предизборниот маркетинг. За пратеничката од СДСМ Марија Костадинова, ребалансот е развоен, и ќе биде за справување со здравствената криза. Според неа јавниот долг е зголемен за да се вратат долговите направени од ВМРО-ДПМНЕ. Според ВМРО-ДПМНЕ пак,  поради различното гледање на состојбата во Македонија, власта и опозицијата живеат во различна држава.

-Бидете малку реални и презентирајте ја вистинската слика со која се соочува Р. Македонија. Овој ребаланс потврдува дека сме во длабока криза. Имаме јавен долг кој го достигнува највисокото ниво, над 7 милјарди евра или, пак, 63% од бруто домашниот производ. За четири години во државата имаме зголемување на јавниот долг за 2,4 милјарди евра. Очигледно е дека Македонија ја водите во амбис од кој не знам како ќе се одглавиме, рече Христова.

Според Марија Костадинова од СДСМ со ребалансот на буџетот се зајакнува здравствената заштита, економијата, социјалата.

– Го потенцирате јавниот долг. Тој е зголемен за да се исплати евро обврзницата издадена во 2014 година, за која годишно се плаќаше 20 милиони евра камата. Со ова РС Македонија се раздолжи за 500 милиони евра државен јавен долг и само по овој основ се намали за нешто повеќе од 4%. Министерството за финансии е транспарентно може да се отвори и таму да се следи се. Особено внимателно погледнете дел од капиталнте проекти за кои ние се задолжуваме. Вратете ги назад финансиските извештаи за следење на јавниот долг, проверете за што вие сте се задолжувале, рече Костадинова.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Олга Лозановска, пак, смета дека власта не ги остварила ветените проекти.
-Нема ни „Г“ од гасоводот кој требаше да се донесе во Битола. Нема бесплатно болничко лекување, изградба и реконструкција на болници, зголемување на основната плата на здравствените работници. Во ребалансот ги барав капиталнте проекти од 2016 година, но не ги најдов. Не ги најдов ниту амбулантите во руралните подрачја, а го нема ниту чистиот воздух, рече Лозановска.

Според Бисера Костадинова Стојчевска од СДСМ ветеното е остварено. Таа посочи дека тие не знаеле што се распродала ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година.

-Зградата на инфективното одделение за првпат по 1972 година доби средства за реконструкција. Еден од амандманите што ги поднесовте и за буџетот и за ребалансот, ми е омилен – за реновирање на детското одмаралиште „Пелистер“ во Битола. Документ од 2008 година покажува дека Зоран Ставревски потпишал бришење на тој објект за потоа да се приватизира. Ќе кажете, -Ветивте дека ќе ги реконструирате. Да, ветивме, но кој знаеше во 2016 година, што се распродадовте? Кој знаеше дека во 2016 г. детското одмаралиште „Пелистер“, стана приватна установа, и дека во 2008 година, освен одмаралиштето „Пелистер“ – Битола, од постоење се избришани и „Младост“-Скопје, и „Мајски Цвет“ – Струга, рече Костадинова – Стојчевска.

Расправата за ребалансот на буџетот трае пет дена.

Б.Т.

Слични содржини