Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ со безбедносни сертификати го побараа Договорот за Коридорите 8 и 10д од Ковачевски

од Nikola Popovski

Деветмина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои поседуваат безбедносни сертификати денеска упатија писмено барање до премиерот Димитар Ковачевски до нив да го достави Договорот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10д.

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ во изјава за медиумите рече дека тие како претставници на граѓаните бараат во најкус можен рок да им биде доставен Договорот и оти тоа го засоиваат врз основа на чл. 68 од Уставот (Собранието врши контрола над Владата), членот 122 од Деловникот на Собранието и Законот за класифицирани информации, кој е заснован на принципот „потребно е да се знае“, кој ја утврдува потребата за пристап до класифицирани информации заради извршување на функцијата. Премиерот Ковачевски, кажа тој, потврди дека овој договор има одреден степен на доверливост.

-Во договорот има штетни клаузули коишто прават буџетски штети а се во корист на приватната фирма, особено после лиферувањето на делови од овој договор дека Владата се обврзала да ја продолжи работната недела од 40 на 60 работни часа, што е спротивно на Законот за работни односи и е спротивно на одлуката на Уставниот суд која што би требало да е конечна. Ваквото продолжување во самиот законодавен дом би значело прекршување на одлуката на Уставниот суд што е кривично дело, рече Милошоски.

Доколку не го добијат Договорот, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ вели дека ќе продолжат со притисоци до Владата, но исто така и дека е сигурен дека Договорот нема да остане уште долго време во тајност „зашто има и совесни административци кои се обидуваат на одреден начин да објавуваат дел од овој договор“.

Се огласи и пратеникот Бране Петрушевски. Тој на социјалните мрежи го објави испратеното барање до премиерот.

-Како претставници на граѓаните, за да може одговорно да ја извршуваме функцијата пратеник и соодветно да може да гласаме, побаравме од премиерот да ни го достави договорот за изградба на Коридорот 8 и 10д. Сите потпишани пратеници поседуваме соодветен безбедносен сертификат “Државна тајна”, истакна Петрушевски.

Слични содржини