Пратениците со 97 гласа „за“ на денешната собраниска седница ја изгласаа одлуката за избор на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата. За претседател на ДКСК е избрана Татјана Димитровска, дипломиран економист од Скопје и вработена во Државниот завод за ревизија (ДЗР), која од членовите на Комисијата за селекција доби 76 бода. За членови на ДКСК избрани се судијката во Основниот суд Софија Спасова Медарска со освоени 75,86, двајцата досегашни советници во ДКСК Билјана Каракашова Шулев со 74,28 и Бесник Џемаиљи со 74,14 бода, ревизорите Зоран Богоевски со 73,57, Цвета Ристовска со 70,57 и Демири Сервет со освоени 67,28 бода.
Новата комисија треба да почне да функционира на 8 февруари.
Според Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, ако Собранието не избере претседател и членови на Државната комисија, постапката за избор се повторува во целост со објавување конкурс веднаш, а не подоцна од рок од десет дена. Оваа комисија треба да почне да функционира на 8-ми февруари.
Во последниот состав на ДКСК, претседател беше Билјана Ивановска, а членови Владимир Георгиев, Софка Пејовска Дојчиновска, Катица Николовска, Нури Бајрами, Горан Трпеноски и Шемши Салаи.