Пратениците на Алијанса предводени од Села не гласале за реорганизација на министерствата

од Nikola Popovski
3,1K прегледи

Пратениците од редовите на Алијансата за Албанците, предводени од Зијадин Села, не гласале за измените што ги предложи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за Законите за реорганизација на работата на органите на државната управа, поточно министерствата.

Оваа одлука на 4-те пратеници на АА не е во согласност со останатите пратеници на Европскиот фронт, кои гласале за предлогот на најголемата владеачката партија. Сепак, портпаролот на партијата, Арбен Зеќири нагласил дека АА останува дел од Европскиот фронт.

„Пратениците на Алијансата за Албанците нема да учествуваат на седницата и нема да гласаат за законските измени бидејќи не се согласуваме со тој предлог. Остануваме дел од Европскиот фронт. За таа цел нашиот претставник денеска учествуваше на средбата на Европскиот фронт со претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, но во исто време ја одржуваме и нашата автономија како политички субјект и го задржуваме ставот за одредени теми, односно не се согласуваме со ваквите законски измени“, изјавил синоќа за весникот „LAJM“ портпаролот на Алијанса, Арбен Зеќири.

ВМРО-ДПМНЕ и членови на Европскиот фронт синоќа објавија дека постигнале договор за поддршка за измените, како и за формирање на ад хок комисија во Собранието за правична застапеност. На средбата пред полноќ биле присутни Александар Николоски, Владо Мисајловски, Никола Мицевски и Стефан Андоновски, а од коалицијата Европски Фронт беа присутни Мендух Тачи, Блерим Беџети, Фатон Ахмети и Елми Азири.

Седницата траеше до 3 часот утрово кога и беа изгласани измените. Жестоки критики и на сметка на законот и процедурата за носење на законот имаше од опозициските СДСМ и Левица. За опозицијата реорганизацијата на Владата и воведувањето на четири нови министерства е дополнителен трошок и отвора пат кон нови партиски вработувања што според нив е единствената цел на владејачкото мнозинство. Според партијата на Христијан Мицкоски, носењето на измените и дополнувањата на Законот за организација и работа на органите на државната управа се вовед во формирањето нова влада меѓу коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ.

Слични содржини