Откако претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка, Моника Зајкова, со поддршка на група пратеници, ги поднесе измените и дополнувањата на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, денеска Собранието го одби ваквиот предлог. Од 94 регистрирани пратеници, само 27 гласаа „За“ и немаше „против“ или „воздржани“.
И лани во април, Зајкова го поднесе истиот предлог-закон кој тогаш исто така беше одбиен, односно за него гласаа само 12 пратеници.
Покрај забраната за приближување, со предлогот клучно беше воведувањето на електронска нараквица за сторителите на семејно насилство, која ќе ја предупредува жртвата дека сторителот се приближува до одредено место, односно на оддалеченост помала од 100 метри, со што ќе се зголеми степенот на заштита на жртвата и ќе се намали можноста за нејзино повторно изложување на насилство.
„Слушаме дека да, се изрекуваат привремени мерки, но дали некој следи колку тие привремени мерки се почитуваат? Колку привремени мерки се изречени, а сторителот повторно се приближува до жртвата? Па вчера имаше по порталите дека жената побарала од сторителот да престане да ѝ се приближува и да ја малтретира, зошто во спротивно ќе мора да преземе самата мерки. Мора да си признаеме дека државата и те како потфрли и дека крајно време е да не се собираме само на дискусии на кои што ќе кажуваме како треба, туку денеска кога ќе излеземе од тука, да се помислиме и да се преземат конкретни чекори да се утврдуваат веќе конкретни одговорности“, рече неодамна Зајкова на тркалезната маса „Предизвици во обезбедувањето поддршка и заштита на жртвите на насилство врз жени и семејно насилство“, организирана од Министерството за внатрешни работи и министерот Панче Тошковски.