Пратениците се враќаат во Собранието, утре на дневен ред интерпелацијата на Гаши

од Nikola Popovski
44 прегледи

Пратениците се враќаат во собраниските клупи по летните одмори. Во вторник прва пленарна седница по летните одмори. На дневен ред интерпелацијата за претседателот на Собранието, Африм Гаши, поднесена од „Левица“.

„Повторно им предочуваме дека на Македонското собрание и на Македонија не им треба некој со капацитет и дејанија споредливи со оние на Џафери, туку им треба целосно сосекување на необалистичките елементи и погубните практики. Потсетуваме дека Левица и во минатиот мандат беше иницијатор за интерпелации на тогашниот спикер Таљат Џафери, а за разлика од останатите политички субјекти, против него имаше поднесено и голем број кривични пријави и иницијативи до Уставниот суд. Оттука, уште еднаш го повторуваме нашиот предлог до нив за избор на претседател на Собранието од пратеничката група на ДПМНЕ, со поддршка на пратеничката група на Левица“, пишува во соопштението на партијата.

Според коалицијата ВЛЕН, интерпелацијата за претседателот на Собранието е директен напад врз државните институции и евроинтеграциите. Од ВМРО-ДПМНЕ веќе се изјаснија дека нема да ја поддржат интерпелацијата за Гаши.

Што се однесува до ставот на СДСМ, за потсетување, веднаш по поднесување на барањето на Левица за интерпелација, потпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, истиот ден изјави дека СДСМ ќе му даде поддршка на премиерот Мицкоски за итна смена на претседателот на Собранието Африм Гаши по инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи, во кој учествуваше шефот на обезбедувањето на Гаши кој во меѓувреме доби кривична пријава и отстранување од работното место.

Но, како што изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче, главното прашање е зошто ВМРО-ДПМНЕ не почне постапка за смена на собранискиот спикер во контекст на сите нивни најави и изјави за одговорно работење на кој било функционер којшто е поставен на која било позиција. Но тој, исто така, најави дека пратеничката група на СДСМ ќе има координација во однос на ова прашање оваа недела, по што ќе ја информира јавноста за нивната позиција. Таква изјава немаше до крајот на неделата.

Став се уште нема ниту Движењето ЗНАМ. Од партијата на Максим Димитриевски, која остро реагираше на постапките на спикерот Гаши, велат дека ќе се состанат денес.

Пратениците на ДУИ се очекува да го бојкотираат гласањето. Неофицијално, тие ќе се вклучат на почетокот на дискусијата за да го изразат незадоволството од работата на Гаши, но нема да учествуваат во интерпелација поднесена од Левица.

Интерпелацијата на Левица е заснована на седум точки, образложени на десеттина страници. Првите две точки се однесуваат на повреда на секуларноста на државата со групната молитва во Собранието што ја направил Гаши и повреда на дипломатските правила за обезбедување ВИП-личности со инцидентот на Скопскиот аеродром во кој учествуваше шефот на обезбедувањето на Гаши.

Слични содржини