Правдата е слепа – не можам прво да бидам Македонец, па уставен судија – кажа претседателот на Уставниот суд

од Nikola Popovski
91 прегледи

Уставниот суд одлучи да повика експерти за да слушне различни мислења за Законот за употреба на јазиците, а дури потоа да одлучува. Со пет гласа „за“ и еден „против“ Уставниот суд одлучи прво да одржи подготвителна седница на која ќе бидат повикани странки – и оние што го оспоруваат Законот и оние што го поддржуваат, но пред сè експерти. Откако уставните судии ќе ги слушнат мислењата, ќе го стават Законот на дневен ред па ќе одлучуваат.

-Му се допаднало тоа некому или не, овој Суд ќе донесе одлука по овој предмет, вака денеска порача претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски на прес-конференција со медиумите.

Загрижен е бидејќи, како што вели, од уставни судии слушнавме дека нашето гласање било етничко.

-Не, што ги прави вашите аргументи правни, а нашите етнички? И обратно можеме да разговараме. Нашиот Устав ни кажува што треба да правиме и од што треба да се воздржиме. На што полагаме заклетва кога ќе не изберат – на Уставот. Не може јас да бидам прво Македонец, па уставен судија, истакна Костадиновски.

Според него, „ако се почне низ таква призма да ги толкуваме уставните норми, после тоа ќе се прошири опсегот – па мојата социјална припадност, мојата политичка определба, вера, национална припадност…“.

-Правдата е слепа затоа што сите сме еднакви пред Уставот и законот, а ние сме судии. Никој не е над Уставот и законите. Нема тука дали сум Македонец, дали имам некаква социјална положба или каква вера сум. Јас сум судија. Само така ќе носиме одлуки, почитувајќи ги принципите, потенцира претседателот на Уставниот суд.

Слични содржини