Право на абортус: Тема што ја поларизира Европа

од Stefanija Kuzmanovska

Поради плановите за заострување на веќе строгиот закон за абортус, атмосферата во Полска зовре. И сè уште врие. Но, таа не е многу подобра ниту во другите европски земји.

Европскиот парламент го кажа своето мислење: одлуката на Уставниот суд на Полска да го прогласи законот со кој се дозволува абортус во случаи на тешки малформации на фетусот, е „удар“ за правата на жените.

Пристапот до „медицинските услуги, како и сексуалното и репродуктивно здравје“ се „основни човекови права“, се вели во документот од Брисел кој „силно ја осудува“ одлуката на полскиот Уставен суд, во кој се наведува дека „ги става во прашање животот и здравјето на жените“.

Полскиот закон за абортус е најрестриктивниот во Европската унија. Според официјалните податоци, во Полска, земја со 38 милиони жители, се прават помалку од 2.000 абортуси годишно. Според организацијата за заштита на правата на жените, околу 200.000 полски жени абортираат секоја година – нелегално или во странство.

Сексуалноста е сè уште табу

Во земјите каде црквата игра важна улога во општеството – без разлика дали е католичка или православна – абортусот е често табу. Така, Грција има една од највисоките стапки на абортус во Европа, но за тоа не се зборува јавно. Покрај тоа, сексуалноста е генерално табу. Резултатот е зачудувачки недостаток на информации кај младите.

Ниту во Романија нема национална стратегија за сексуално образование на младите. Во исто време, земјата во која абортусот е легален од 1989 година, велат упатените, сè уште страда од последиците од траумата предизвикана од указот на Чаушеску за забрана за абортус од 1966 година.

Многу жени во Албанија исто така имаат траума – но од друга причина. Имено, тие се изложени на притисокот на општеството, кое ги замолува да раѓаат синови. Тој притисок сè уште ги принудува албанските жени да абортираат кога ќе откријат дека носат женско дете.

Според хрватскиот институт за јавно здравје, во 2019 година, во таа земја со околу четири милиони жители, биле извршени 2.703 легални абортуси – 87,7 проценти на барање на жената, 4,9 проценти поради загрозено здравје на бремена жена и 3, 5 проценти поради сериозна малформација на фетусот.

За Хрватска, дискусијата за законските регулативи за абортус е особено интересна, бидејќи таа земја чека на „модернизација“ на законот од 1978 година, што сè уште е на сила. Уставниот суд му наложи на Парламентот да го стори тоа во рок од две години во 2017 година, но досега ништо не се случи.

Ова никогаш не треба да изненадува, имајќи предвид дека хрватското општество е длабоко поделено по ова прашање. Имено, пред неколку години беше воведен „апел на совеста“, со кој им се дава правото на лекарите да одбијат да извршат абортус, како и начинот на кој тоа се прави во пракса. Тие би сакале „модернизираниот“ нов закон да се укине. Но, има и такви кои би сакале Хрватска да тргне по стапките на Полска и целосно да го забрани абортусот.

Слични содржини