Правобранителот од Велес е починатиот донор на двата бубрега

од Берта Китинска

По пет дена лекување на КАРИЛ во Скопје вчера почина државниот правобранител за подрачје Велес, Борче Пинев.

Тој се здоби со тешки повреди од настан кој го евидентираше МВР:„На 25.07.2020 околу 12.45 часот било пријавено дека пред зграда на ул.„Крсте Мисирков“ во Велес, Б.П.(46) од Велес се повредил при пад од дрво“.Борче Пинев кој беше дипломиран правник и кој претходно работеше како адвокат, на функцијата државен правобранител беше именуван пред осум години.

Државниот правобранител е и лицето донор на двата бубрега,  потврди за „Фокус“, министерот за здравство Венко Филипче.

Од Министерството за здравство информира утрово дека на Клиниката за Урологија беа експлантирани два бубрега од 46 годишен пациент кај кој вчера беше потврдена мозочна смрт.

„Во моментов, во тек е првата трансплантација на бубрег кај 35 годишна девојка која веќе неколку години е на дијализа, по што ќе следи и втората трансплантација. За жал, овој пат немавме соодветен примател на срцето и тоа нема да биде трансплантирано. Се заблагодарувам на семејството на донорот, кое во моментите на најголема болка одлучи да ги донира органите и да спаси уште најмалку два животи. Да се донесе одлука да се даруваат органите на блискиот во моментите кога го губите засекогаш, е тешко. Потребно е многу сила, многу љубов и хуманост да мислите на нечиј туѓ живот кога го губите саканиот. Луѓето кои носат вакви одлуки се посебни. Бескрајно сме им благодарни што уште еднаш ни покажаа дека живот сепак може да се подари“, изјави министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче.

Ова е втора кадаверична трансплантација и четврта од жив донор годинава. На 23 мај од починат донор се трансплантираа срце и бубрези. Претходно имаше уште четири трансплантации на бубрези од жив донор. Во период кога здравствениот систем е под притисок на пациенти со ковид-19, Програмата за транплантација продолжува да се реализира.

Слични содржини