Пред лабораториите редици, секој четврти тестиран е ковид позитивен

од Берта Китинска
244 прегледи

Пред ковид-лабораториите изминативе денови има големи редици.Додека некои веќе знаат дека се борат со вирусот, други стојат пред пунктовите за да се тестираат.

Исто така, зголемен е и бројот на дневни прегледи во инфективните одделенија низ болниците во државата, а бројот на прегледи на дневно ниво понекогаш во болниците во Скопје надминува 100 пациенти. Според епидемиолошките анкети, најголем дел од пациентите имале контакт со позитивен случај три дена пред почетокот на симптоми/добивање на позитивен резултат.

Лекарите велат дека болка во грло, течење на нос, главоболка, покачена температура, слабост, малаксаност се дел од симптомите кои граѓаните ги минуваат со полесна клиничка слика и кои имаат примено вкацина.

Според последната статистика на МЗ, секој четврти тестиран, е позитивен на Ковид-19, а 68 проценти од секвенционираните примероци се со новиот сој на вирусот – омикрон.

Омикрон сојот е откриен во 12 градови – во Скопје, Охрид, Кочани, Тетово, Велес, Пехчево, Штип, Гевгелија, Кавадарци, Виница, Неготино и Битола.

Според извештаите од болниците, на територија на цела држава се хоспитализирани 351 лице што е 41 процент повеќе во споредба со претходна недела.

Комисијата за заразни болести засега нема предлози за нови мерки, ниту за скратување на времето на изолација на позитивни од тестирани на SARS-CoV-2 кои се асимптоматски случаи. За овој предлог членовите ќе донесат одлука по дополнителна обемна дискусија која ќе следи во наредните денови.

Досега во земјата се направени вкупно 1.665.043 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 234.277, бројот на оздравени пациенти е 215.852, на починати е 8.042, а бројот на активни случаи изнесува 10.383.

Слични содржини