Премиерот Христијан Мицкоски очекува денеска Владата да донесе одлука на домашните компании да се стават на располагање 250 милиони евра евтини кредити, по, како што вели, супер евтина каматна стапка од 1.95 што претставува историски највисока поддршка за домашните компании.
Според премиерот, ова значи посилна економија, нови инвестиции и нови работни места.
-Така Македонија станува повторно ваша, објави Мицкоски.
Дел од јавноста, особено опозицијата, обвини дека прераспределбата и намената на „унгарскиот кредит“ потврдува дека државата е заробена од политичко-економската елита, која се грижат единствено за профитот на богатите, додека работниците, земјоделците и пред се младите, соочени со инфлација и економска криза, обезбедувањето на гола егзистенција им е се потешко и потешко.
Парите првин ќе бидат префрлени во развојната банка, а фирмите потоа ќе можат да аплицираат во комерцијалните банки. За целиот кредит од 500 милиони евра (250 за општините, 250 за компаниите) на Унгарија ќе треба да се плати камата од 3,25 проценти. Тој дел ќе го плаќа државата и според договорот заемот кон Будимпешта треба да се врати во рок 15 години со вклучени три години грејс период. Сепак, дел од економистите сметаат дека овој дел не е спорен со оглед дека компаниите и досега биле корисници на државна помош, како што на пример беа субвенциите за минималната плата.
Кредитот, според законот кој беше донесен и во Собранието, ќе се исплаќа на рати два пати годишно. Едната полугодишна рата на 15 февруари, а другата на 15 август.