Градоначалници – Максим Димитриевски (Куманово), Митко Јанчев (Кавадарци) и Арбен Таравари (Гостивар) имаат највисок рејтинг.
Според последното истражување на МЦМС од април годинава 10,5% од испитаниците се изјасниле за Јанчев, 7,5% за Таравари, 6,8% од испитаниците за актуелниот градоначалник на општина Куманово Димитриевски.
Дали Димитриевски, Јанчев и Таравари ќе бидат кандидати за градоначалници на октомвриските локални избори и дали нивните матични партии ќе застанат зад нивната кандидатура или пак ќе одат како независни кандидати? За двајца од нив, Димитриевски и Јавчев, неизвесно е дали нивните партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, ќе ја дадат поддршката токму за нив, кога се знае дека обајцата имаат проблем со довербата во партиските раководства. СДСМ во последно време без проблем раскрстува со секого кој не ја поддржува актуелната партиска политика и ги елиминира непослушниците во партијата. А токму Димитриевски е еден од ретките градоначалници од редовите на СДСМ кој високо котира кај граѓаните на сите анкети и не секогаш е гласен поддржувач на актуелните партиски политики.
На прашањето „За кого би ја дале вашата поддршка како кандидат за градоначалник на претстојните локални избори наесен?”, од понудените имиња меѓу кои се градоначалникот Максим Димитриевски, Бране Петрушевски, пратеник во Собранието на од ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Костовски – пратеник од редовите на СДСМ и претседател на општинската организација на СДСМ, Оливер Илиевски – директор на Водостопанство Куманово, Илир Хасани – заменик министер за здравство, 47,9% од испитаниците одговориле дека својот глас би го дале за Димитриевски, 2,5% за Мартин Костовски, 3,8% од испитаниците би гласале за Бране Петрушевски, 0,7% за Илиевски, а 7,5% од вкупниот број испитаници велат дека би гласале за Илир Хасани.
Раководството на СДСМ викендов во Струга ќе ја доработи стратегијата за претстојните локални избори, а ќе паднат и првите одлуки за кандидатите за градоначалници, најави вицепремиерот за борба против корупцијата и генерален секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.