Предизборен фолклор – каква реторика се очекува во кампањата: „Популистичкиот приод со конфликти и инциденти е ризичен за општество како Македонија“

од Nikola Popovski

Иако следните парламентарни избори се уште не се закажани, партиите веќе од поодамна почнаа со своите неофицијални кампањи, кои често можат да се оценат и како негативни, во зависност од реториката. Настапот на Левица во Собрание и инцидентите со расфрлање на амандманите и кршење на собранискиот инвентар значи дека се повеќе се заострува реториката, како што ќе се доближуваме до терминот за гласање. Реториката во изборните кампањи преку кои политичките партиите треба да ги освојат гласовите на граѓаните често не се фокусира на изборните, туку на партиските содржини. И на последните избори во рекламирањата на партиите не изостана негативна кампања, наместо фокус на понудата на политичките партии.

Комуникологот и специјалист за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов во разговор за „Локално“ вели дека секогаш кога се наближуваат избори, политичката атмосфера се вжештува и тоа придонесува за поголеми политички искрења и тензии кои секако не ги одминуваат институциите, а особено Собранието каде се претставени пратенички и пратеници од сите политички партии.

Бојан Кордалов

-Секоја партија гради своја политичка и комуникациска стратегија за начинот на кој смета дека може подобро и повеќе да го привлече дел од електоратот за да освои поголема политичка поддршка, односно број на гласови на следните избори, оценува Кордалов.

Според него, во таквата стратегија, секоја партија се соочува со добра проценка и успех, или, пак, со последици од таквите одлуки, како и политичка и друга морална, законска и друга одговорност.

-Но, сепак, политичкиот суд на крајот го даваат граѓаните на денот на гласањето и со тоа одредуваат какви институции сакаат да имаме и во која насока да се движиме, а секако надлежните независни институции се тие кои одлучуваат за спроведување и евентуално прекршување на законите, порача комуникологот.

Комуникологот Сеад Џигал тврди дека во последните 10-тина години политичката реалност во земјава е диктирана од моделот на постојана кампања, со тоа што во очи на изборите таквите континуирани кампањи само се засилуваат и се заострува реториката кон политичките противници. Во разговор за „Локално“ вели дека се забележува дека домашните политички сили, вклучително и Левица, веќе одреден период плански ги засилуваат своите пораки и активности, кои за жал вклучуваат и засилена поларизација кон другите партии, вербални испади, нервоза, конфликтуизност, и други „креативни“ методи, како ширење на нетолерантни вирални пораки на интернет.

-Моделот на привлекување внимание и гласачи со предизвикување конфликти и инциденти, прилагоден за порадикалните групи, помладото гласачко тело и за социјалните мрежи е негативен светски феномен, од Трамп на пример, сѐ до скорешните избори во Аргентина, потенцира Џигал.

Истакнува дека ваквиот приод, условно нарекуван и популистички, носи поддршка во политички, етнички, и верски комплсексни општества, но за Македонија може да се каже дека е многу ризичен и неодговорен, затоа што лесно може да го наруши кревкиот баланс и стабилност кои опстојуваат, како на политички план, така и во секоја друга смисла.

Сеад Џигал

-Политичката реторика на Левица, како и на другите слични групаци, секако е планска, но за жал ваките тактики во политиката влијаат и врз спуштањето на сите можни критериуми во политичката комуникација, однесувањето кон опонентите, зголемување на нетрпеливоста и нетолеранцијата, и загризуваат ред други клучни вредности. За специфични политички групи и гласачи тоа поминува и добива поддршка како своевидна анти-естаблишментска политика блиска кон обичниот граѓанин, која треба да урне некој репресивен и неправеден систем, но штетата која се прави врз општеството во целина е значителна, смета соговорникот.

На прашањето дали партиите кај нас се консултираат со ПР агенции за нивните настапи и бараат помош, Џиган вели дека новото време го засили овој тренд на политички популизам, кој во регионот има и подлабоки корени дури и пред 90-те години од минатиот век. Најчесто, таквите политички маневрирања, подржани и од ред ПР агенции и експерти, додава тој, завршуваат со манипулација со чувствата и ставовите на граѓаните, како и со нарушени односи и вредности во самото општество кои долго време потоа треба да се санираат за да општеството се врати во некаков пристоен баланс.

-Политичката мобилизација преку поларизација е играње со оган, без разлика за кое општество станува збор, а особено за Македонија и земјите од регионот кои немаат капацитет да спречат или апсорбираат зајакнати радикални и екстремни политики. Дури и во скорешните случаеви во далеку посилни држави, тие се покажаа како сериозен проблем и предизвик за спречување на дестабилизација. Промените и предизвиците од овој тип само ќе се зголемуваат, затоа што бројката на помладите гласачи кои имаат многу поинакви разбирања за политиката, како треба да се комуницира во политиката, како треба да се практикува општествениот активизам, постојано ќе се зголемува. За овие нови генерации ќе мора како општество да бараме нови модалитети да ги заштитиме од политичка манипулација, поларизирање и радикализирање. Сите треба да понесеме одговорноста и да придонесеме во ова, а особено политичките партии со избегнување на поларизирање како метод за кревање партиски рејтинзи, анализира Џигал.

Н.П.

Слични содржини