Предизборие: вработувања, градежна „офанзива“, промоции – ДКСК почна мониторинг, финансии најавуваат транспарентни трошења!

Во овој период, до почеток на изборната кампања на 19-ти септември, важат и поинакви правила за вработувања во државниот сектор. Наспроти ова, преку Агенцијата за вработување, само неколку денови пред распишување на изборите, се објавени огласи за стотици вработувања

од Vladimir Zorba
61 прегледи

„За спортски игралишта во општините 720 милиони денари“; „Државна помош за инвертер клима и за потрошена струја“; „Ново игралиште во …“; Почна изградба на улица во … “

Во предвечерие на официјалната изборна кампања – ова се само мал дел од новинарските наслови за активностите на власта, и на централно и на локално ниво, кои навестуваат дека кампањата – сепак е започната. Се промовираат проекти, веќе започнати, но и нови. Се најавува изградба на патишта, на спортски објекти, водоводна и канализациона инфраструктура, училишта, градинки. Иако официјалната кампања не е почната , неофицијалната веќе е во полн ек. Локалните избори 2025-та веќе се распишани – на сила се нови правила за промоции и активности на централната и на локалната власт.

Во пресрет на локалните избори, од ДКСК ги објавија правилата за вработувања и протоколите за користење на државните ресурси во предизборие.

„Забрана за нови инвестиции и вонредни исплати – нема почнување нови инфраструктурни проекти со буџетски средства, ниту еднократни исплати, потпишување колективни договори или нови вработувања (освен во итни случаи). Забрана за користење државни ресурси за кампања – државен имот, буџетски средства или опрема не смеат да се користат за политички цели. Забрана за поткуп – строго се забранува давање пари, подароци или други бенефиции за влијание врз гласачи“ – се наведува во известувањето од ДКСК.

Предизборни вработувања во државен сектор

Во овој период, до почеток на изборната кампања на 19-ти септември, важат и поинакви правила за вработувања во државниот сектор. Наспроти ова, преку Агенцијата за вработување, само неколку ден пред распишување на изборите, се објавени огласи за стотици вработувања.

„Отворени работни места на Клиниката за урологија … “

„Отворени работни места на Клиниката за респираторни заболувања – Козле.. “

„Отворени работни места Министерството за европски прашања, за дигитализација, за економија..“

Огласи за стотици вработувања се објавени во текот на јули и на почетокот од август – непосредно пред распишување на локалните избори. Огласи за вработувања има во повеќе здравствени домови во земјава – Охрид, Штип, Прилеп, Битола. Активни се и огласи за вработувања во полицијата. Веќе се распишани конкурси за вработувања во повеќе ресори – за економија, за дигитализација, за европски прашања. Огласи за вработување има и во регулаторни тела, агенции, комисии и државни фирми.

Она што се смета за „законски маневар“ во однос на вработувањата е објавувањето на огласите пред распишување на изборите , како што е во случајов, а потоа, за време на изборниот период да бидат ставени во „мирување“

„Не може да се започне и постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, додека започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи“ – наведуваат од ДКСК.

Токму ваквата можност според експертите, пред секој изборен циклус го отвора прашањето за клиентелизам при вработувањата во државниот сектор – објавен оглас за вработување кое ќе се спроведе постизборно.

Ќе се објавуваат буџетските трошења ..

По сила на закон Министерството за финансии е должно да стартува со објавување на сите буџетски трошења во предизборниот период.

„Министерството за финансии согласно одредбите од Изборниот законик од вторник на својата веб-страница почна да ги објавува буџетските исплати во посебна база за буџетски трошоци во изборен период“ – соопштија од министерството.

И додека власта најавува транспарентно трошење во предизборен период, а антикрупционерите мониторинг за користење на државните ресурси во предизборие – регистарските таблички во бои за службени возила ќе станат „видливи“ по избори. Државната комисија за жалби по јавни набавки во моментов одлучува за жалбите што се поднесени за тендерската постапка. Токму обележување на возилата што се возат на „државен трошок“ требаше да придонесе кон зголемување на транспарентноста во користење на државните ресурси и намалување на можноста од злоупотреби. Службените возила се често видливи на партиски активности, кога фуанционерите се промовираат во име на партијата но на државен трошок.

Д.А.

ФОТО: Социјални мрежи

 

Слични содржини