Предизборни математики и калкулации: Дали уставните измени повторно ќе диктираат?

од Nikola Popovski
373 прегледи

Многу математики и калкулации околу тоа кога ќе се случат парламентарните и претседателските избори во 2024 година. Најрано на 14-ти март, најдоцна на 8-ми мај, собранискиот спикер Џафери ги објави роковите за одржувањето на претседателските избори. Се распишуваат меѓу 70 и 90 дена, сметано од денот на гласање, а според Уставот, се одржуваат во последните 60 дена на тековниот мандат на Претседателот. Според Џафери, 8-ми мај е и единствениот датум на кој може да има двојни избори во редовниот термин. Токму затоа вели претседателот на Собранието, работните групи на партиите треба да преземат одговорност, навреме да се состанат и да постигнат консензус најдоцна до Нова Година.

Александар Кржаловски

Дел од аналитичарите сметаат дека има логика изборите да се одржат заедно. Политичкиот аналитичар и прв човек на МЦМС, Александар Кржаловски во разговор за „Локално“ вели дека можните (уставни/законски) термини за претседателските и парламентарните избори (во редовните рокови) делумно се преклопуваат во првата недела во мај.

-Има и уште два аргументи тоа така да се направи: да се осигура цензусот (40%) за претседателските избори (поизвесно ќе е ако се заедно и парламентарните, на кои секогаш има поголема излезност) и да се намалат трошоците кои не се занемарливи (т.е. се неколку милиони евра). Со оглед на тоа, не гледам никаква логика изборите да се прават одвоено. Дури и вака од 5-8 мај, парламентарните нема да се предвремени, туку редовни избори, посочува Кржаловски.

Смета дека на ВМРО-ДПМНЕ им е сеедно, иако преферираат заеднички избори, уверени дека големата разлика во нивна корист на сите релевантни анкети во последно време – ќе се материјализира на изборите, кога и да бидат.

-Од друга страна, СДСМ засега се уште инсистира на посебни избори. Претпоставувам дека причината за тоа е дека сметаат на помала излезност на парламентарните избори (ако се посебно и во лето/јули како последните од 2020 г.), со што разликата во број на пратеници би била помала, отколку при поголема излезност (заеднички избори, во мај)… а со тоа евентуално да се намали можноста на ВМРО-ДПМНЕ да формира Влада. Ова може да е добра партиска причина, но не и државна, истакнува соговорникот.

Кржаловски не мисли дека уставните измени играат битна улога во ова прашање.

-Не гледам било каква промена во ставовите на опозициската партија околу тоа. Слично, не гледам некое особено влијание од партиите на етничките Албанци, освен повторувањето на ДУИ дека за нив се во ред и предвремени парламентарни избори, ако се усвојат уставните измени. Тоа досега не се случи, па не верувам дека допрва ќе се случи, веќе блиску до редовниот термин за избори, порача аналитичарот.

Бесим Небиу

Бесим Небиу

Од друга страна, аналитичарот Бесим Небиу смета дека на СДСМ ѝ одговара претседателски пред парламемтарни од проста причина што смета дека ВМРО-ДПМНЕ ќе има тешкотии да најде прифатлив кандидат за претседател, посебно кај Албанците, но и кај независните. За „Локално“ истакнува дека досега не се случило опозициски претседателски кандидат да победи.

-Сите претседатели се избирале од листа на партија на власт, во моментот на избори, ни рече Небиу, нагласувајќи дека евентуална победа на СДСМ и ДУИ би го пренеле како моментум на парламентарните избори неколку месеци потоа.

Додава дека уставните измени не играа некаква улога, со оглед дека се оставени за после избори.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, уште еднаш го повика премиерот Димитар Ковачевски да излезе со конкретен датум за претстојните претседателски и парламентарни избори. Мицкоски кажа оти ВМРО-ДПМНЕ нема да ги иницира состаноците на работната група која треба да ги договори официјалните датуми за изборите бидејќи, како што вели, тогаш партијата ќе биде нападната зошто таа е иницијатор на состаноците, а не претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Ковачевски изјави дека ја поттикнува ВМРО-ДПМНЕ да земе учество во работната група во рамки на Министерството за правда со цел да се разговара за сите прашања поврзани со изборите, а да не бара вонинституционални форми на преговори. -Таму прво ќе бидат усогласени финално препораките на ОБСЕ и ОДИХР во законот и исто така може да се разговара за точниот тајминг на изборите бидејќи изборите се распишуваат согласно закон, согласно Устав и согласно мандат на избраните функционери, тука, пред се мислам на претседателот на државата и пратениците. Во рамките на законските рокови може да се разговара за финеси во однос на тајмингот. Се друго, одржување средби кои се вон тој формат каде сите треба да го дадат својот збор и своето мислење, мислам дека е вонинституционално, рече премиерот денес.

Н.П.

Слични содржини