Предизборни ветувања за зголемување на платите: „Економијата не е наука на ветувања, туку на конкретни резултати“

од Vladimir Zorba

Во пресрет на локалните избори, започнаа и предизборните ветувања за зголемување на платите на работниците. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вети 750 евра, додека пак премиерот Зоран Заев сака да имаме просечна плата од 60 илјади денари. Дали овие ветувања се реални и издржливи со оглед на економската криза поради ситуацијата со ковид-19, директорка на „Фајнанс тинк“, Благица Петрески за „Локално“ вели дека на ветувањата за платите, може да гледаме на два начина.

– Првиот е низ призмата на случувањата на пазарот на трудот, кои детерминираат пораст на платите. Дел од тој пораст е предизвикан од некои владини непазарни мерки (кои сами за себе се долгорочно неодржливи ако не се проследени со пораст на продуктивноста), како порастот на минималната плата и субвенциите за зголемување на платите во рангот од 600 до 6000 денари, но друг дел е детерминиран од затегнувањето на пазарот на труд, во смисла на намалувањето на невработеноста и се` поголемите предизвици да се најде квалификувана работна сила, смета Петрески.

Според неа притисоците ќе бидат посилни кога ќе започне заздравувањето на економијата по пандемијата .

-Вториот начин на гледање на прашањето на платите е низ малку политичка призма. Ветувањето во 2016 беше дека просечната плата ќе достигне 500 евра за 4 години, а сега сме 5 години по тој момент, целта не е достигната. Во таа смисла треба да се квалификува и секое ново ветување за 750 евра, за 1000 евра. Тоа не ги омаловажува реалните основи за раст на платите, кои постојат, но се многу пониски од политичките основи кои ги гледаме при секои избори, смета Петрески.

За економскиот аналитичар Арбен Халили ваквите предизборни ветувања во време на пандемија се многу несериозни.

-Повеќе од очигледно е дека што повеќе се доближуваат локалните избори, растат и понудите било од власта или пак од опозицијата. Сепак економијата не е наука на ветувања, туку на конкретни резултати. Да ветиш дека ќе има 750 евра според Мицкоски или пак 60 илјади денари просечна плата според Заев, во време на пандемија е многу несериозно. Но, најнесериозен е фактот дека пред нас имаме локални избори, а ваквите ветувања, па и делумно, може само со владина одлука да се средат. Пред да имаме просечна плата од 60.000 денари, прво нека се исполнат ветувањата од последните парламентарни избори. Популистичките ветувања веќе многу добро успеваа да ги препознае и најобичниот граѓанин. На крај на денот мора сите да сме согласни за една работа, големиот одлив на мозоци, но и на активната работна сила од земјата не е само поради мизерните плати, туку пред се поради голем недостаток на квалитетен живот. Прашањево сега е, како да го подобриме тоа?, прашува Халили.

Тој смета дека овие изјави на политичарите се само несериозни предизборни ветување, кои за жал се даваат пред локалните избори, а реално овие прашања се од макроеконосмки аспект, и не се работи за буџет на една фирма.

-Ниеден од предлозите не се основа на конкретни пресметки, и треба да кажат, како и што ќе се превземе за да се постигне тоа ниво на просечна плата? Ќе се зголемат даноците, или ќе се задолжи дополнително државата? Што ќе се случува со приватниот сектор: ќе се подобри продуктивниста или пак ќе се воведат нови технологи, кои што би биле поддржани како со ко-финансирање од страна на државата. Дали компаниите ќе продават повеќе или ќе се отворат нови пазарни можности? Сите овие се прашања кои што се реални и врз кои мора да се засноваат тие предлози. Се додека се кажуват паушални бројки на прес- конференции или митинзи, мора и ние како такви да ти перцептираме!објаснува аналитичарот.

Од економска гледна точка, Халили смета дека мала земја како нашата не може да трпи големи ветувања, поради две многу едноставни причини:

– Ветувањата за квалитетна евтина работна сила, повеќе не држат бидејќи квалитетот и евтиното не одат повеќе заедно, и второ недостигот на работната сила кај нас, прави поголем дел од домашните па и странски компании да се соочуват со недостаток на обични работници. Тоа во превод значи, помалку продуктивитет, помалку профит за фирмите, и секако на крај помалку пари во државната каса.

Б.М.

Слични содржини