Предлог од 5 точки на Курти: Предвремени избори на север, но пред тоа „кривично гонење“ на оние кои ја нападнаа полицијата

од Stefanija Kuzmanovska
381 прегледи

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека до меѓународните претставници го доставил својот предлог од пет точки за решение на ситуацијата на северот на Косово, меѓу кои е и распишувањето предвремени избори на северот.

Но, на прес-конференцијата тој како прва точка од својот предлог наведе „спроведување на законот“ во четири општини на север, како и „идентификување и гонење“ на оние кои ја нападнаа полицијата, припадниците на КФОР и новинарите.

Следниот момент е, според него, „криминалните групи“ да се повлечат од северот на покраината и да се прекинат нивните, како што наведе, „криминалните активности“. Курти, исто така, предлага таканаречената косовска полиција, КФОР и ЕУЛЕКС да спроведуваат заеднички безбедносни проценки на секои 15 дена.

Само како четврта точка тој посочи дека владата во Приштина „во координација со сите актери“ ќе распише вонредни избори во четирите северни општини, кои, како што рече, ќе се одржат во „слободна и демократска атмосфера“.

Курти, исто така, предложи Белград и Приштина „веднаш да се вратат на дијалогот“ во кој ЕУ обезбедува спроведување на постигнатите договори и „идната недела да се организира средба на високо ниво“.

Тој изјави дека за предлогот од пет точки разговарал со високиот претставник на ЕУ, Жосеп Борел, и со пратеникот за дијалог Мирослав Лајчак.

Курти пред прес-конференцијата се сретна со амбасадорите на земјите од Квинта во Приштина.

Слични содржини