Атлернатива се обиде да наметне тема на македонската политичка сцена која всушност е дел од преговорите меѓу Србија и Косово. Од партијата ги повикаа партиите на Албанците кои имаат власт во општините, ДУИ, Алијансата за Албанци, БЕСА, да покренат иницијатива за воспоставување на Заедница на албанските општини во Македонија, како реципроцитет за она што меѓународната заедница бара од Косово да основа Заедница на српски општини. Речиси сите други партии, вон и надвор од Владата, ја осудија ваквата реторика и најавите на Алтернатива ги сметаат за несериозни и антиевропски. Премиерот Димитар Ковачевски дури нагласи дека ваквиот предлог на партијата која до неодамна беше дел од власта, е антиамерикански. „Прво односите во државата се решени со Охридскиот рамковен договор и каде што гаранција се САД и ЕУ. Врз основа на тој договор, С. Македонија денеска претставува пример за соживот и правата на сите етнички заедници во државата“, рече премиерот.
Дел од македонската експертска јавност ваквиот наратив го смета и за опасен. Професорот и поранешен министер Владо Поповски оценува дека сегашната идеја значи дека Македонците ќе имаат свои општини, Албанците свои, а меѓу нив постои граница која не мора да се постави со стражари.
-Од тој момент натаму не може да се зборува за политички интегритет и државен. ДУИ е од почеток сведок на тие алтернативи и е свесен за ставовивите на меѓународната заедница. Формирање на посебни албански општини значи територијализација на Македонија и ако почне, би значело почеток на пореметување, смета професорот.
Додава дека меѓуетничките односи не се опретени со нови тензии.
-Постои соживот и соработка, независно што некои идеи одат надвор од сето тоа. Мислам дека тоа не може да биде прифатливо и за Албанци и за Македонци и не може да биде остварливо. Во оние општини каде Албанците се малцинство ќе пребегаат на територија на Заедницата на општините? Таа идеја е непријателска кон Македонија и тешко може да биде прифатено од меѓународната заедница. Ако биде прифатена, тоа значи војна. Да се надеваме дека ќе се надмине и треба да се престане дека линијата кај Групчин, Струга и Дебар е линија која што издвојува две територии. Македонија има јасно определени граници и постигнати се огромни резултати што ги карактеризира посебност, оценува Поповски.
Според него, такви обиди постоеја и во 90-тите години, но беа отфрлени со влијание на меѓународната заедница, пред се САД, од кои Македонија имаше информации дека што се однесува до безбедноста и до унитарниот карактер на државата.
-Тоа тогаш стана и меѓународна грижа бидејќи меѓународната заедница и САД сметаа дека тие два услови се неопходни да постои стабилна Р. Македонија и првите темели. Друго е прашањето на правата на Албанците кои треба да имаат еднакви права со Македонците и соодветна застапеност во власта и во сите други структури. Во таа смисла резултатите што се реално остварени, говорат дека тој е планот. Во тој период имаше такви предлози на албански партии, како идејата за „Илирида“ и албанската паравојска. Тие идеи беа врзани на врските на партиите со тогашниот албански претседател Сали Бериша и после интервенцијата на меѓународната заедница, изјавата Сали Бериша беше дека Р. Македонија е пријателска земја на Албанија. Беа варирани некои идеи на двојна државност особено од господинот Арбен Џафери кој имаше предлози прво за општинска поделба и второ за т.н. посебни институции во единствените територијални рамки. Сепак ништо од тоа не беше прифатиливо за меѓународната заедница бидејќи означуваше комбулзии во земјава кои што можеа да забрзаат меѓуетничка војна, а Македонија со својата позиција во центарот на Балканот би значело попречување на широк план, ни раскажа Поповски.
За политичкиот аналитичар Џенур Исени, ставањето на Албанците во ист контекст како и српското малцинство на Косово е нелогично, не се совпаѓа со реалноста и е апсурдно. Тој во разговор за „Локално“ вели дека ова е многу радикакална идеја.
-Денес, Албанците во Македонија не се малцинство од 4%, туку конститутивен народ кое сочинува 1/3 од граѓаните на оваа држава и води 50% од територијата на локално ниво. Трето, конфузијата по ненадејното појавување во опозиција – алтернативата со избрзана, непромислена и целосно апсурдна идеја и само му служи на наративот на македонските ултранационалисти. И четврто, зошто не прокламираше ваква идеја додека беа дел од власта, туку сега кога се во опозиција?! Згора на тоа, ако се толку „храбри“ да ја промовираат оваа радикална идеја, зошто не одат подалеку и не предлагаат “редефинирање на државата“, бидејќи, баш со оваа синтагма тие ја оформија партијата БЕСА кои до пред 2-3 години беа дел од неа, ни рече Исени.
Тој истакнува дека една таква идеја ќе го поништи Охридскиот рамковен договор, каде јасно пишува дека нема да има територијални решенија за етничките прашања.
-Сепак мислам дека оваа идеја е продукт на неславниот крај на Алтернатива во власта. Затоа сега за да се најдат во центарот на вниманието на јавноста, промовираат вакви радикални идеи, кои што носат само поделби меѓу етничките заедници и ништо повеќе, дециден е аналитичарот.
Н.П.