Предлог-законот пред собраниска комисија: Дали ќе се отвори пазарот за приватни железнички превозници?

од Nikola Popovski

Матичната собраниска Комисија за транспорт и врски денеска треба да го разгледа предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за железнички систем, по скратена постапка, со кој треба да се овозможи либерализација на железничкиот сообраќај во државава.

Во членот 16 од Предлог законот е наведено дека се овозможува јавниот железнички превоз на патници и стока да се врши од приватно домашно или странско правно лице, т.е. се отвора пазарот за други железнички превозници.

-Целта е усогласување со европското законодавство во делот на отворање на пазарот за железнички услуги што ќе се даваат од повеќе железнички превозници и усогласување и со националното законодавство во делот на употреба на јазиците, стои во образложението за Предлог-законот.

Според министерот Благој Бочварски, со либерализацијата на железничкиот транспорт и отворањето на пазарот во идниот период ќе може  да се разговара на темата за, како што рече, отворање на границите на некој начин и влегување и на други оператори на територијата на државава.

По намалувањето на влијанието на економско-енергетската криза ќе се разговара и за третата опција, односно преструктуирање на ова претпријатие со што, како што потенцира Бочварски, ќе добиеме подобри и навремени услуги и задоволство кај граѓаните во однос на железничкиот транспорт.

Според него, за оние делници каде што има интерес од граѓаните за патување со железница е обезбедена поддршка за претпријатието, но засега не се планира обнова на возниот парк на возовите кои сообраќаат кон Кичево и Кочани затоа што интересот за тие две линии е намален.

Со измените на Законот за железничкиот систем во 2010 година беше овозможена либерализација во однос на операторите, односно клучната задача му се даде на се уште единствениот оператор во земјава МЖ Транспорт АД – Скопје). Потоа следуваа најави за измени во законот со цел усвојување на европската рагулатива, но работите се закочија во 2012 година кога во законот се воведе одредба дека приватно домашно или странско лице ќе може да врши јавен железнички превоз по пристапувањето на Република Македонија како полноправна членка на ЕУ.

Неколкумината оператори кои тогаш отворија претставништва во земјава со цел да се приклучат во овој бизнис јавно изразија незадоволство. Целта на либерализацијата беше да се искористи за трансформација на железницата, да го подобри квалитетот на услугите на домашното стопанство, да ги мотивира операторите да инвестираат во мобилната инфраструктура, но и да имаат активно учество во решавањето на вработеноста, како и да им овозможи на компаниите од ЕУ, да се зголемат инвестициите и да се лобира за изградба или унапредување на коридорите.

Европската Комисија бара да се отвори пазарот преку влез на нови транспортни компании што ќе може да сообраќаат по нашите пруги. Либерализацијата во делот на железничкиот превоз е барање на ЕУ старо речиси една деценија наназад и досега било наведено и во претходните извештаи на Европската Комисија.

Слични содржини