Предлогот Јовески да исплаќа плати во СЈО во среда пред пратениците

од Aleksandar Todeski
454 прегледи

Пратениците во среда ќе ги разгледуваат предложените измени во Законот за јавнообвинителската служба, со кои ингеренциите врз Специјалното јавно обвинителство ќе ги има државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески.

 

Според прелогот, Јовески ќе може да ги исплати насобраните сметки на СЈО, но и неисплатените плати на вработените, а ќе има и надлежност врз истражителите во оваа институција.

„За сите прашања кои се однесуваат на работниот однос на јавнообвинителските сужбеници и лицата вработени во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите кои вршат технички и помошни работи одлучува Јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите или Јавниот обвинител на Република Северна Македонија доколку нема избрано Јавен обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите“, стои во предлог-законот.

Во предлог законот не е наведено и дали државниот јавен обвинител ќе има ингеренции за документацијата во СЈО, со оглед на фактот што ревизорите не можеле да земат документи од СЈО во отсуство на официјален потписник во институцијата.

Вработените во Специјалното јавно обвинителство немаат земено плата од септември, откако на 14 септември, еден ден пред истекот на мандатот на Специјалната обвинителка Катица Јанева, обвинета во „Рекет“ беше разрешена, а веќе на 15 септември сите обвинители преминаа во Основното јавно обвинителство.

А.Т.

Слични содржини