Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против 34-годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
На 23 јануари, при претрес во домот на девојката на осомничениот каде тој престојувал, полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје кај осомничениот откриле 37,55 грама хероин, спакуван во 13 поединечни пакувања наменети за натамошна продажба. Освен тоа биле пронајдени и 58,24 грама мешавина од кофеин и парацетамол со траги од хероин, како и една таблета психотропна супстанција 3.4-метилен диоксиметамфетамин (МДМА) и други предмети со траги од наркотична дрога.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.