Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави во понеделникот дека земјата се подготвува за нови руски напади врз нејзината инфраструктура, откако градоначалникот на Киев ги повика граѓаните да се подготват за најлошите можни сценарија, пишува „Хина“.
Во понеделникот, земјата се соочи со недостиг од 32 отсто во предвиденото снабдување со електрична енергија, рече Сергеј Коваленко, извршен директор на ИАСНО, главниот снабдувач со енергија во Киев.
Во меѓувреме, националните енергетски власти предупредија на планираното исклучување, но и на можни дополнителни ограничувања во главниот град и регионот околу него, како и во шест други региони во земјата.
Предупредувањата уследија откако градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко ги повика жителите „да бидат подготвени на се“, вклучително и на најлошото сценарио во кое главниот град ги губи струјата и водата.
„Ако имате пошироко семејство… или пријатели надвор од Киев, каде што има автономно снабдување со вода, греење, ве молиме размислете да останете таму одреден временски период“, рече Кличко.
Зеленски во своето ноќно видео обраќање истакна дека 4,5 милиони потрошувачи се веќе без струја.
„Исто така, разбираме дека терористичката држава концентрира сили и средства за можни повторени масовни напади врз нашата инфраструктура“, рече тој. „Прво енергија. Поточно, за ова на Русија ѝ беа потребни ирански ракети. Се подготвуваме за одговор“, додаде тој.
Зеленски не ја објасни својата изјава дека на Русија ѝ се потребни ирански ракети за да ја таргетираат украинската енергетска инфраструктура.