Преговори за името – Заев молчи, од Атина оптимисти

од desk2
123 прегледи

Скопје и Атина и натаму се во исчекување кога ќе се случи најавуваниот разговор на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас кој треба да биде вовед во финалниот договор за спорот за името. Двете страни на највисоко ниво деновиве главно се воздржани. Премиерот Заев денеска избегна да даде изјава во врска со спорот за името, јавува 24 Вести.

Од македонската Влада, пак, соопштуваат дека остануваат посветени на решение со кое ќе се штити и зачува достоинството и идентитетот на граѓаните на Македонија. Најважно, како што наведуваат од Владата, е да се постигне квалитетно и заемно прифатливо решение кое ќе биде одржливо.

„Изграденото пријателство меѓу двете држави е голем влог за заедничката иднина, а соработката во иднина само ќе се зголемува. Владата на Македонија останува силно посветена на остварување на стратегиските цели, членство во ЕУ и НАТО, а јасно е дека за нивна реализација неопходно е да се надмине проблемот што Грција го има со нашето уставно име”. – велат од владата.

Шпекулациите во овие сензитивни моменти не можат да придонесат кон оваа стратегиска цел од национален интерес, соопшти Владата откако српски „Курир“ објави дека Македонија и Грција не успеале да најдат заедничко решение за спорот со што преговорите пропаднале. Според српски „Курир“, грчката страна барала премногу, односно од името целосно са се исфрли одредницата „Македонија“. Наспроти пишувањата на српскиоте медиуми, од официјална Атина оптимизам. Портпаролот на грчката Влада очекува дека Заев ќе го направи решавачкиот чекор.

„Министерот за надворешни работи и премиерот ги осигурија сите неопходни заштитни мерки да ги исполнат сите обврски што треба да ги преземат од соседот“.

Пратеничката на опозициската Нова демократија и поранешна министерка за надворешни работи Дора Бакојани, во интервју за грчките медиуми вели нејзината партија никогаш не се сложила за името република Македонија Скопје, туку дека остануваат на ставот на сложено име со географска одредница ерга омнес.

Грчките медиуми, повикувајќи се на владини извори, јавуваат дека министерот за надворешни работи Никола Димитров бил „кочничар” на постигнувањето решение. Весникот „Катимерини“ објави дека постигнувањето договор е закочено поради несогласувањата меѓу двете страни околу „интерпретацијата” на законските документи, а не околу принципите./24 Вести