Преговорите продолжуваат: Неделков смета дека изгубените часови може да се надополнат до 10 јуни

од Берта Китинска
216 прегледи

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков информираше дека завршила вчерашната рунда на преговори со МОН, под покровителство на помирувач.

-Сите прашања кои се отворени, врз основа на нашите барања беа дискутирани, анализирани, аргументирани од двете страни. Преговорите продолжуваат во петок кога очекуваме и конкретни одговори на нашите предлози, објави Неделков.

Во четвртокот минатата недела штрајкот на вработените во основните и средните училишта беше ставен во мирување, по речиси три недели немање настава, а преговорите на СОНК и Владата одат преку медијација, односно медијатор од МТСП.

-Сакам да бидам оптимист и убеден дека за десет дена ќе најдеме решенија, ако не ќе мора да одиме на уште десет дена. Што ако Владата остане тврда на ставовите дека има толку средства и дека не може да излезе од тие рамки? Тогаш органите на одлучување на СОНК ќе расправаат за тоа што е понудено, да донесат одлука што понатаму. Јасно е дека штрајкот е ставен во мирување, таа одлука треба да се потврди, односно да се отповика или да се активира штрајкот, рече денес Неделков пред средбата со МОН.
Во однос на учебната година, Неделков не гледа причина таа да не заврши на 10 јуни, но сепак посочи дека Бирото за развој на образованието ќе процени колку наставни часови им фалат на наставниците и да се направи програма која ќе се реализира до 10 јуни, со што учебната година би завршила согласно закон.

-Постои основ, Министерот за образование има дискреционо право по 100 одработени наставни денови да ја верифицира годината како завршена, не постои опасност од кршење на некој закон дека не се реализирани 180 наставни денови,изјави Неделков.

Слични содржини