Од денес, во рамки на проектот „И отпадот има вредност!“ на ЈП ПОЦ и Општина Центар пуштени се во употреба првите повратни вендинг машини за рециклирање на пластични шишиња и лименки поставени на седум локации на територија на Општина Центар.
Првите 7 машини за рециклирање се поставени пред бараките на Општина Центар, кај слаткарница Апче, кај монтажната гаража „Буњаковец“, во затвореното паркиралиште „Дом на градежници“, затворено паркиралиште „Зелен пазар“, во ГТЦ и затвореното паркиралиште „Дилајла“ во Капиштец, a до крајот на годината ќе бидат поставени вкупно 27 машини.
Преку повратните вендинг машини жителите на Општина Центар ќе можат да рециклираат PET пластични шишиња и лименки, за што ќе добијат субвенции од Општина Центар на нивната GreenPay платежна картичка.
Се работи за нова картичка која ќе ја замени постоечката М-карта и ќе овозможи многу повеќе поволности. Освен најава на гости, со GreenPay картичката жителите ќе имаат можност да учествуваат во процесот на рециклирање и да пазарат со попусти во зелената мрежа на локали кои се приклучија во овој проект – маркети, ресторани, кафеани, кафулиња и бутици. До сега, оваа мрежа вклучува повеќе од 30 локали кои ќе овозможат попусти, а заради големиот интерес зелената мрежа секојдневно ќе се проширува. Дополнителна поволност на оваа картичка е можноста за префрлање на средства од други платежни картички.
„Направивме стратегија која ќе го помогне семејниот буџет на секое семејство во Општина Центар, ќе ја поттикне локалната економија, а воедно ќе биде корисна и за животната средина. Дел од оваа стратегија е и проектот „И отпадот има вредност!“ кој ќе им овозможи на жителите да учествуваат во правилно справување со отпадот преку рециклирање на пластични шишиња и лименки за што ќе добиваат субвенции од општината и можности за дополнителна заштеда. Создадовме зелена мрежа од маркети, кафулиња, кафеани, бутици и ресторани каде со плаќање преку GreenPay картичката ќе може да се пазари со попуст од 3, 5 и 7 %.“ изјави директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Васко Кичевски на денешната виртуелна презентација на проектот.
За секое рециклирано пластично шише или лименка од 0,25 до 0,75 литри жителите ќе добиваат 0,5 денари, за шише од 1 до 1,75 литри добиваат 1 денар, а за шише од 2 до 2,25 литри, 1,5 денари.