Министрите за надворешни работи на Германија, Португалија и Словенија, Хајко Мас, Августо Сантос Силва и Анже Логар, излегоа со заедничка изјава за блокадата од Бугарија на стартот на преговорите со Северна Македонија и Албанија, откако ја нагласија важноста од продолжување на процесот на проширување како стратешка цел на Европската Унија.
Тие додаваат дека сегашната ситуација е во спротивност со европските стратешки интереси за стабилност на Западен Балкан.
„Ние сме крајно загрижени што не успеавме да започнеме преговори со Северна Македонија и Албанија и покрај фактот што Советот донесе одлука за тоа во март 2020 година. И двете земји направија низа реформи, додека Северна Македонија инвестираше висок политички капитал во проширувањето, па дури и го смени своето име. Време е ЕУ да ги исполни своите ветувања. Словенечкото претседателство ќе ги продолжи овие напори и ќе ги надоградува досегашните достигнувања“, се вели во заедничката изјава на министрите.