Пет натпревари од 18. коло во Премиер лигата кои беа закажани за претстојниот викенд нема да се одиграат до натамошно известување поради ширењето на сојот омикрон.
Премиер лигата бележи рекорден број на заразени со коронавирус во последната недела, а клубовите се во многу тешки проблеми.
Од истата причина откажани се три натпревари од 17. коло, а проблемите само се зголемуваат.
Манчестер Јунајтед, кој има дваесетина заразени во клубот, го откажа првиот натпревар во следното коло. Нивните натпревари против Брајтон и Брентфорд ќе се играат подоцна во текот на сезоната.
Поради големиот број на заразени и суспектни на Ковид-19, откажани се и натпреварите Саутемптон – Брентфорд, Ватфорд – Кристал Палас, Вест Хем – Норвич, како и Евертон – Лестер.
Тотенхем е еден од клубовите кои веќе имаа проблеми оваа недела, па нивниот натпревар в недела против Ливерпул најверојатно ќе биде откажан.
Познато е дека и Ливерпул има проблеми со коронавирусот, а заразени се Вирџил ван Дајк, Фабињо и Кртис Џонс.
Се чини дека во овој момент лигата нема друго решение освен да ги прекине сите натпревари додека не се стабилизира здравствената состојба.