Премиера на „Куршуми над Бродвеј“ во Драмски театар Скопје

„Куршуми над Бродвеј“ е работена по текст на Вуди Ален и Даглас Мекграт. Режијата и драматизација се на Ненад Витанов, сценографијата на Валентин Светозарев

од Nikola Popovski
10 прегледи

Во сабота на 18 октомври во Драмски ќе се одржи премиерата на претставата „Куршуми над Бродвеј“ на режисерот Ненад Витанов. Претставата е четврта премиера во Драмски театар Скопје што се реализира од  Годишната програма за драмска дејност за 2025 година.

„Куршуми над Бродвеј“ е работена по текст на Вуди Ален и Даглас Мекграт. Режијата и драматизација се на Ненад Витанов, сценографијата на Валентин Светозарев. Костимите се изработени по креација на костимографката Елена Вангеловска. Сценските движења на актерите ги подготви Маја Каревски. Инспициент на претставата е Гоце Бојчев, а суфлер е Жаклина Цветковска.

Улогите на ликовите во претставата „Куршуми над Бродвеј“  ги играат актерите:

Давид Шејн, драмски писател – Игор СТОЈЧЕВСКИ

Оливија Нил, девојка на Ник, поранешна стриптизета – Јована СПАСИЌ

Чич, гангстер – Сашо ТАСЕВСКИ

Хелен Синклер, актерска дива – Јелена ЖУГИЌ

Елен, девојка на Давид Шејн – Александра ПАВЛОВА – БУБАЊА

Џулијан Маркс, директор на бродвејскиот театар Мороско – Роберт ВЕЉАНОВСКИ

Ник Валенти, шеф на мафијата – Александар СТЕПАНУЛЕСКИ

Ворнер Персел, познат актер – Предраг ПАВЛОВСКИ

Еден Брент, позната актерка – Калина НАУМОВСКА

Мич, инспициент во театарот – Златко МИТРЕСКИ

Шелдон Флендер, писател – Дениз АБДУЛА

Лорна, негова девојка – Ања МИТИЌ

Рики, гангстер – Игор ГЕОРГИЕВ

Мо – Мартин МАЗНЕВ

Бен – Енис БИЛАЛОВИЌ

Режисерот Ненад Витанов во програмската белешка вели: „Театарот е бојно поле.

На една страна стои амбицијата – гладна, упорна, разголена. На другата страна стои човекот – со своите слабости, љубови, пороци и стравови. „Куршуми над Бродвеј“ не е само приказна за една претстава што се раѓа во сенка на злосторството, туку и прашање: дали вреди да се жртвува човекот за уметноста, или уметноста постои токму за да го возвиши човекот?

На сцената се судруваат световите на актерите, авторите, режисерите и гангстерите – секој со своја вистина, секој со своја цена. Но зад нивните смешни и трагични судири демне едно исто прашање:

Кој сме ние кога велиме „јас сум уметник“? И кој останува кога велиме „јас сум човек“?

Оваа претстава е театарски манифест.

Манифест на театарот како храм и пазар, како сон и компромис, како место каде што секоја реплика е куршум – способен да погоди срце, да уништи или да спаси.

Театарот не е украс. Театарот е борба со најопасното оружје – зборот што станува живот“.

Репризата на претставата „Куршуми над Бродвеј“ е на 22 октомври, а трета изведба на претставата ќе биде на 27 октомври во рамките на фестивалот на Регионалната унија на театрите РУТА, што годинава ќе се одржи од 25 до 31 октомври во Драмски театар Скопје.