Денеска на Канскиот фестивал светска премиера ќе има краткиот филм „Северен Пол“ по сценарио и режија на Марија Апчевска во киното „Дебиси“.
Филмот е во продукција на Кино око е селектиран во Официјалната селекција на Канскиот филмски фестивал и ќе се натпреварува за наградата Златна палма за најдобар краток филм.
„Северен пол“ е меѓу десетте селектирани од вкупно 3.739 прегледани краткометражни филмови од страна на комитетот, а победникот ќе биде објавен на свеченото затварање на фестивалот на 17 јули.
Филмот е приказна за 16-годишна девојка која се обидува да пронајде каде припаѓа. Проектот беше еден од двата наградени филмови на програмата European Short Pitch – Nisi Masa, 2019. Главните улоги ги играат Антонија Белазелкоска и Лука Митев. Филмот се снимаше во Скопје и Македонска Каменица.
„Северен пол” е копродукција помеѓу Северна Македонија, Србија и Унгарија. Копродуценти на филмот се Милош Љубомировиќ од Сервиа филм, Миодраг Поповиќ од форГрејд и Петер Шекереш од Тиволи филм. Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и Филмскиот центар на Србија.