Премиерите на Канада и Полска повикаа на користење на руските средства замрзнати од Западот

од Stefanija Kuzmanovska
272 прегледи

Премиерите на Канада и Полска, Џастин Трудо и Доналд Туск започнуваат кампања за користење на средствата на руската централна банка замрзнати од Западот, околу 300 милијарди долари, за помош на Украина и одбрана од Русија, изјави денеска премиерот Туск во Варшава.

„Сите западни земји мора да дејствуваат многу поодлучно. Денеска долго разговаравме за средствата на руската централна банка кои се замрзнати во западните банки. Заедно со премиерот Трудо, со нашите пријатели во Европа, во САД, во Јапонија , ќе работиме на тоа да донесеме одлука тие средства да бидат искористени за Украина“, наведе Туск на прес-конференцијата која ја одржа заедно со Трудо.

Полскиот премиер изјави дека конкретната сума на руски средства, кои, според него, мора да се искористат за одбрана на Украина од руска агресија, изнесува околу 300 милијарди долари.

„Со помагање на Украина, можеме да покажеме дека се бориме за нашите вредности и слобода. Мораме да ѝ помогнеме на Украина со сета воена опрема која ја имаме“, рече Трудо, додавајќи дека пред два дена разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски и дознал што им е потребно.

Тој прецизираше дека станува збор за оклопни борбени возила чие производство е во тек во Онтарио, како и системи за муниција и противвоздушна одбрана чија испорака зависи од САД.

Кога станува збор за издвојувањата за одбраната на членките на НАТО, полскиот премиер Доналд Туск рече дека е длабоко убеден дека порано или подоцна сите членки ќе одвојат два отсто од БДП, бидејќи се обврзале на тоа, но пред се заради себе, а „не затоа што овој или оној политичар ги принудува на тоа“.

Слични содржини